Tест Jeep Compass: Електрификација која не го засенува карактерот

Пазарот денес е преполн со СУВ модели кои се повеќе личат еден на друг. Производителите по секоја цена брзаат кон електрификација, дигитализација и максимална ефикасност, но во таа трка многу од нив го губат сопствениот идентитет. Токму тука отсекогаш се издвојувал Jeep.

Како бренд што со децении ја гради својата репутација врз робусност, авантуристички дух и препознатлив дизајн, Jeep денес мора да одговори на новите пазарни барања. Новиот Compass е еден од најважните чекори во таа транзиција, модел кој има задача да го пренесе традиционалниот карактер на марката, но под каросеријата да носи модерна електрифицирана технологија насочена кон поголема ефикасност.

Tест Jeep Compass 1.2 MHEV AT Altitude
Електрификација која не го засенува карактерот

Препознатлив, но со далеку повеќе елеганција

Уште на прв поглед е јасно дека дизајнерите немале намера да експериментираат со препознатливиот идентитет на Compass. Автомобилот, како и досега, веднаш остава впечаток дека припаѓа на Jeep семејството, што во време кога многу СУВ модели визуелно се повеќе личат едни на други претставува сериозна предност. Па така, на предниот дел доминира легендарната маска со седум вертикални слотови, можеби најпрепознатливиот елемент во целата историја на брендот кој почетоците ги бележи уште во 1941 година.

Tест Jeep Compass 1.2 MHEV AT Altitude
Електрификација која не го засенува карактеротНовата ЛЕД матрикс светлосна графика внесува модерна нота, додека агресивно обликуваниот браник и заштитни панели дополнително ја потенцираат СУВ филозофијата. Гледано од страна, Compass делува компактно, но во исто време доволно мускулесто. Нагласените лакови над тркалата, високата линија на каросеријата и карактеристичните пластични заштити јасно покажуваат дека и покрај урбаната ориентација, Jeep се уште сака да го задржи впечатокот дека е возило што е подготвено да оди подалеку од асфалтот.

На задниот дел доминираат хоризонталните светлосни склопови кои се поставени во куќишта што се поврзани со лента, но главната улога ја игра графиката со „X“-потпис. Хоризонтално поставените светлосни групи визуелно го прошируваат автомобилот, а чистите линии му даваат пософистициран изглед. Со должина од  4,55 метри, Compass успешно ја комбинира практичноста на семеен SUV со компактност доволна за секојдневна градска употреба Палетата на бои е инспирирана од природни пејсажи со имиња кои сами по себе раскажуваат приказна за местата каде што овој модел може да ве однесе, во нашиот случај „Hawaii“ зеленатата нијанса во комбинација со црн кров привлекуваше огромно внимани каде и да се појавевме.

Кабина која зрачи со цврстина и зрелост

Со влегувањето во новиот Compass сфаќате дека кабината е целосно ново доживање.  Марката Jeep очигледно вложила сериозен труд за целосно да го подигне впечатокот на квалитет и технологија, а резултатот е опкружување кое сега делува далеку помодерно и позрело од порано. Арматурната табла добива целосно нова архитектура со хоризонтално поставени линии кои визуелно внесуваат чувство на простор и чист дизајн. Се изгледа многу поуредно, а генералниот впечаток е дека е направен сериозен чекор кон повисокиот сегмент.

Tест Jeep Compass 1.2 MHEV AT Altitude
Електрификација која не го засенува карактеротВо центарот на кабината доминира новиот 16 инчен мултимедијален екран, кој веднаш привлекува внимание. Интерфејсот работи брзо, графиката е современа, а логиката на менијата покажува дека Jeep нуди систем кој може рамноправно да се споредува со конкурентите. Безжичната интеграција со Apple CarPlay и Android Auto е стандардна и функционира беспрекорно. Пред возачот се наоѓа дигитална инструмент табла од 10 инчи, а во тестираниот модел дополнителен елемент претставува Head-Up Display системот, кој најважните информации ги проектира директно во видното поле на возачот. Особено интересно е решението на централната конзола. Наместо класична рачка се користи ротациски контролер за управување со автоматскиот менувач, што веднаш внесува чувство на модерен и минималистички кокпит. Благодарение на ваквото решение, под самиот менувач е оставен длабок и практичен простор , идеален за одлагање предмети кои секојдневно ги носите со себе.

Веднаш до него е поставен и препознатливиот Selec Terrain контролер, еден од деталите што јасно покажуваат дека и покрај електрификацијата, моделот не се откажува од своето наследство. Преку него возачот има можност да избере различни режими на работа според условите на подлогата, а системот автоматски ги прилагодува реакциите на погонот и електронските асистенции. Позитивно изненадува и фактот дека компанијата не подлегнала на модерниот тренд се да се контролира преку интерфејсот на мултимедијата. Климатизацијата добива посебни физички команди поставени веднаш под централниот дисплеј, што овозможува брзо и интуитивно управување без непотребно тргање на вниманието од патот.

Во поглед на материјалите, квалитетот е на значително високо ниво, што е видливо преку површините на арматурната табла, декоративните панели и прецизните споеви што создава чувство на зрел производ со солидна финална обработка Предните седишта се комфорни и добро профилирани, а високата „џиповска“ позиција зад воланот придонесува за одличната прегледност во сите правци. Иако не е најголем во класата. просторот со кој располага задната клупа е повеќе од доволен за двајца возрасни патници кои нема да имаат забелешки ниту на подолги рути. Неговата практичност доаѓа до израз кога ќе се отвори вратата на багажникот која од погледите во стандардната конфигурација скрива 550 литри корисен простор. Тоа е воедно доволно за транспорт на сите потребни елементи кои на годишен одмор ги носи семејство од четри членови.

Фокус на ефикасност во секојдневна употребливост

Во поглед на двигателите понудата се дели на три работни единици. Моделот може да се добие како благ хибрид, приклучен хибрид или пак како возило кое е сосема елетричено задвижувано, изборот останува на вас! Во нашиов случај под предниот поклопец се наоѓа новиот 1.2 литарски трицилиндарски турбо бензински агрегат со 136 КС кој работи во комбинација со 48 волтен „mild hybrid“ систем. Системската моќност изнесува 145 коњски сили, од кои 28 КС ги произведува електромоторот интегриран во шестстепениот автоматски менувач со двојна спојка кој воедно помага при тргнување, забрзување и движење во град.

Tест Jeep Compass 1.2 MHEV AT Altitude
Електрификација која не го засенува карактерот

Менувачот работи мазно, а електричната поддршка успешно ја елиминира типичната турбо задршка при стартување, правејќи го возилото исклучително пријатно во секојдневно возење. При ниски брзини краткотрајно може да се движи и само со електрична енергија, особено во колона, при паркирање или при бавно маневрирање. Фабрички декларираната просечна потрошувачка е 5,8 литри на 100 километри, но во реални услови бројките се нешто поразлични.

За време на тестот, во градски услови потрошувачката изнесуваше 6,8 литри, на отворен пат трошевме 5,4 литри, додека комбинираниот просек за време на тестирањето изнесуваше околу 6,3 литри на 100 километри, што е само половина литар одстапка од декларираното, респектабилен резултат за СУВ со вакви димензии и тежина од речиси 1.7 тони. Во склоп со останатите параметри доаѓа и забрзувањето од 0 до 100 км/ч кое трае 10,3 секунди, а максималната брзина достигнува 188 км/ч. Кога говориме за суспензијата мора да нагласиме дека е поставена со јасен фокус кон комфорот.

На предиот дел се користи „McPherson“ конфигурација, додека задната располага со независна „multilink“ поставеност на оската. Па баш затоа, на „традиционално“ оштетениот градски асфалт и лежечки полицајци Compass се однесува стабилно и уверливо. Нерамнините ги апсорбира без поголем проблем, а кабината останува добро изолирана дури и при повисоки брзини. Во свиоци се чувствува дека инженерите не го бркале „оној“ спортски карактер. Управувањето е лесно и доволно прецизно, но Compass многу повеќе сака релаксирано и комфорно возење отколку динамика. На отворен пат, остава впечаток на стабилен и сигурен придружник, а како што рековме и предходно високата позиција зад управувачот дополнително го засилува чувството на контрола врз патот.

Новиот Compass е пример како еден бренд може успешно да влезе во сегментот каде електрификацијата игра голема улога без притоа да го изгуби својот препознатлив карактер. Не се обидува да биде најспортскиот преставник во класата, ниту најпространиот, но нуди нешто што се потешко се среќава во автомобилската индустрија, а тоа е силен идентитет и чувство дека не управувате со „само“ уште еден кросовер.

Tест Jeep Compass 1.2 MHEV AT Altitude
Електрификација која не го засенува карактерот

Технички податоци за Jeep Compass 1.2 MHEV AT Altitude

Цена на тестираниот модел: 46.600 евра

мотор Euro 6e, бензин, четиритактен, трицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.199 см3
пречник и од 75,0 x 90,5 мм
степен на компресија 10,5:1
напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
максимална моќ 136 KС (100 kW) при 5.500 min/-1
макс. вртежен момент 230 Нм при 1.750 min/-1
макс. моќ на електромотор 28 КС (21 kW) при 750 min/-1
макс. вртежен момент на електромотор 50 Нм при 750 min/-1
макс. хибридна моќ 145 КС (21 kW) при 750 min/-1
/ /
капацитет на батеријата 0,9 kWh (Li-Ion)
трансмисија на предни тркала преку 6-степен автоматски менувач
потпирање напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад multilink, спирални пружини, телескопски амортизери
сопирачки напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
пневматици 225/60 R18 (напред) 225/60 R18 (позади)
каросерија СУВ со пет врати, 5 седишта
должина x ширина x висина 4.552 x 1.904 x 1.652 мм
меѓуосовинско растојание 2.795 мм
траги (напред / назад) -.—/-.— мм
тежина 1.667 кг
максимална тежина 2.215 кг
багажник 550 литри
резервоар 55 литри
максимална брзина 188 км/ч
забрзување 0–100 км/ч 10.3 секунди
просечна потрошувачка 5,6 л/100 км
емисија на CO₂ 127 г/км

Jeep Compass во Македонија

Jeep Compass 1.2 e-Hybrid DCT6 Altitude 34.900 евра
Jeep Compass 1.2 e-Hybrid DCT6 First Edition 40.900 евра
Jeep Compass 1.6 PHEV eDCT7 Altitude 43.900 евра
Jeep Compass 1.6 PHEV eDCT7 Summit 46.900 евра
Jeep Compass BEV 74 kWh Altitude 48.400 евра
Jeep Compass BEV 74 kWh First Edition 49.900 евра

Повеќе информации во Аутомобиле Ск на тел. (02) 30 93 100 или на www.jeep.mk

Конкуренти:

Peugeot 3008 од 30.990 до 66.390 еврa
Hyundai Tucson од 27.800 до 48.500 еврa
Geely Starray EM-i од 31.990 до 33.990 евра
Citroen C5 Aircross од 29.990 до 34.990 евра
Toyota RAV4 од 45.999 до 66.699 еврa
Chery Tiggo 7 Pro од 30.500 до 33.900 евра
Opel Grandland од 31.710 до 55.500 евра
Ford Kuga од 27.900 до 48.900 евра

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е ДНА КОМУНИКАЦИИ.

Поврзани вести

Back to top button