Hyundai го претстави новиот Ioniq 3 во стандардна верзија

Hyundai официјално ја претстави стандардната верзија на новиот електричен Ioniq 3, со поедноставен изглед и пониска цена

Hyundai официјално ја претстави стандардната верзија на новиот електричен Ioniq 3, модел кој добива поедноставен изглед, посветол ентериер и е наменет да биде подостапна алтернатива на претходно претставената N Line изведба. Новиот електричен хечбек е развиен пред сè според потребите на европските купувачи и треба да пристигне на пазарот во текот на третото тримесечје од 2026 година.

Ioniq 3 комбинира елементи од класичен хечбек, фастбек и кросовер, а Hyundai го опишува како „Aero Hatch“, модел кој става акцент на аеродинамиката и ефикасноста.

Поелегантен изглед без N Line пакетот

За разлика од спортската N Line верзија, стандардниот Ioniq 3 добива почист и поминималистички дизајн.

Предниот браник е редизајниран со поедноставни линии и активен довод на воздух, без агресивните отвори и црните декоративни елементи карактеристични за N Line. Задржани се препознатливите поделени LED светла со четирите светлосни точки на тесната маска.

Од страната се забележуваат ретровизори во боја на каросеријата и нови алуминиумски тркала со димензии од 16 до 18 инчи, додека задниот дел добива помал спојлер и подискретен дифузер.

Посветол ентериер со нов инфозабавен систем

Внатрешноста носи целосно поинаква атмосфера во однос на N Line моделот. Наместо темната комбинација на бои со црвени детали, Hyundai се одлучил за светол ентериер кој треба да создаде попространа и поудобна кабина.

Дизајнот е развиен според филозофијата „Furnished Space“, со акцент на комфор и висококвалитетни материјали.

Ioniq 3

Една од најголемите новини е новиот инфозабавен систем Pleos Connect, базиран на Android, кој дебитира на европски модел. Во зависност од нивото на опрема, централниот екран има дијагонала од 12,9 или 14,6 инчи, а достапна е и компактна дигитална инструмент табла.

Системот поддржува Pleos App Market, преку кој при лансирањето ќе бидат достапни околу 30 апликации од трети страни, додека до крајот на годината се очекува понудата дополнително да се прошири.

Дополнително, Ioniq 3 добива и новиот Gleo AI гласовен асистент, кој овозможува природна комуникација со возачот.

Две батерии и автономија до 496 километри

Hyundai Ioniq 3 при лансирањето ќе биде достапен во две верзии со еден електромотор.

Основниот модел располага со батерија од 42,2 kWh, електромотор со 144 коњски сили и автономија до 344 километри според WLTP циклусот.

Верзијата Long Range добива батерија од 61 kWh, а иако електромоторот развива нешто помалку – 133 коњски сили – благодарение на поголемата батерија може да помине до 496 километри со едно полнење.

Моделот е поставен на 400-волтната верзија на платформата E-GMP, која ја користат и Kia EV3 и Kia EV4.

Ioniq 3

Развиен специјално за Европа

Од Hyundai истакнуваат дека развојот и тестирањето на Ioniq 3 биле изведени според навиките на европските возачи, локалната инфраструктура и условите за возење на европските патишта.

Производството ќе се одвива во фабриката на Hyundai во Измит, Турција, а првите примероци треба да пристигнат кај европските дилери во текот на третото тримесечје од 2026 година.

Во иднина се очекува понудата да биде проширена и со спортска N верзија, која најверојатно ќе користи два електромотори, погон на сите четири тркала и дополнително унапредена шасија.

Поврзани вести

Back to top button