Викенд тарифа: Ferrari, Lamborghini и Porsche против семејниот SUV на Škoda
Необична трка во која Škoda Elroq vRS застана рамо до рамо со легендарните модели на Ferrari, Lamborghini и Porsche

Електричните автомобили продолжуваат да ги поместуваат границите на перформансите, а најновиот пример доаѓа од Škoda. Чешкиот производител организираше необична драг-трка во која семејниот електричен SUV Škoda Elroq vRS се соочи со три легендарни спортски автомобили од 80-тите години – Ferrari Testarossa, Lamborghini Countach 25th Anniversary и Porsche 944 Turbo.
Иако станува збор за модели кои со децении се сметаат за автомобилски икони, современата електрична технологија уште еднаш покажа дека моменталниот вртежен момент може да направи огромна разлика при стартно забрзување.
Elroq vRS изненади со најбрзо забрзување
Во трката на патеката Dunsfold, електричниот SUV успеа да стигне до целта за 19,19 секунди, оставајќи ги зад себе Ferrari Testarossa со време од 20,08 секунди, Lamborghini Countach со 21,22 секунди и Porsche 944 Turbo со 22,10 секунди.
Иако не е познато со каков интензитет возачите ги стартувале класичните автомобили, резултатите покажуваат колку голема предност имаат модерните електрични модели при старт од место.
Помалку коњски сили, но повеќе ефикасност
Интересно е што Škoda Elroq vRS има најмалку моќ од сите учесници. Благодарение на двата електромотори и погонот на сите тркала, моделот располага со 340 КС (335 hp) и забрзува од 0 до 100 km/h за 5,4 секунди.
За споредба, Lamborghini Countach 25th Anniversary располага со 455 КС од атмосферски 5,2-литарски V12 мотор, Ferrari Testarossa развива 390 КС од 4,9-литарски боксер V12, додека Porsche 944 Turbo има 250 КС од турбо четирицилиндарски мотор. Сепак, електричниот погон овозможува моментална испорака на силата, што се покажа како пресудно во кратката трка.
На подолга патека класиката повторно доминира
Иако Elroq vRS беше најбрз при стартот, ситуацијата би изгледала поинаку на подолга патека. Максималната брзина на електричниот SUV е електронски ограничена на 179 km/h, додека Porsche 944 Turbo достигнува 261 km/h, Ferrari Testarossa развива 290 km/h, а Lamborghini Countach може да достигне дури 303 km/h.
Тоа значи дека по почетното забрзување, легендарните суперавтомобили би ја презеле предноста благодарение на нивната значително повисока крајна брзина.
Oвој необичен дуел уште еднаш потврдува дека денешните семејни електрични SUV модели можат да понудат перформанси кои пред неколку децении беа резервирани само за најексклузивните суперавтомобили.



