Новиот Hyundai Tucson пристигнува со радикален редизајн и поголеми димензии
Новиот Hyundai Tucson за 2027 година дебитира со радикален дизајн, поголеми димензии, модерен ентериер и повеќе простор во кабината

Hyundai официјално го претстави целосно новиот Tucson за моделската 2027 година, кој носи драматично поинаков изглед во однос на својот претходник. Петтата генерација на популарниот SUV добива поагресивен и покоцкест дизајн инспириран од концептот Crater, поголеми димензии и целосно нова кабина. Светската премиера на моделот е закажана за октомври.

Поголем и попростран семеен SUV
Новиот Hyundai Tucson е значително поголем од актуелниот модел. Должината е зголемена за 60 милиметри и сега изнесува 4.700 mm, додека ширината е поголема за 40 mm и достигнува 1.905 mm. Меѓуоскиното растојание е продолжено за 30 mm, на 2.785 mm, што овозможува повеќе простор во кабината и уште подобра практичност за семејствата.
Производителот истакнува дека токму поголемите димензии придонеле за подобар комфор, особено за патниците на задната клупа.
Смел дизајн инспириран од Crater Concept
Најголемата промена кај новиот Tucson е неговиот впечатлив надворешен изглед. Предниот дел добива LED светлосна лента по целата ширина, вертикални дневни LED светла, масивен браник и тенки отвори за воздух кои дополнително го нагласуваат модерниот и робустен карактер.
Од страна, моделот се издвојува со квадратни линии, нагласени рабови на каросеријата и моќни прагови, додека задниот дел добива нова светлосна лента и вертикално поставени LED стоп-светла.
Hyundai веќе ја најави и новата XRT изведба, која ќе има уште поизразен теренски изглед со поагресивен преден браник и дополнителни стилски елементи.

Целосно нов ентериер со Pleos инфозабавен систем
Покрај надворешноста, целосно е редизајнирана и кабината. Наместо досегашните два закривени дисплеи, новиот Tucson добива централен Pleos инфозабавен систем во форма на голем таблет, кој ќе биде основа и за идните модели на Hyundai.
Пред возачот е поставен тесен дигитален инструмент-кластер, додека новиот управувач со четири краци дополнително го освежува изгледот на кабината. Контролната табла е изработена со помеки материјали, дополнета со амбиентално осветлување и современ дизајн.
Централната конзола располага со безжични полначи за мобилни телефони, а благодарение на продолжениот покрив и поголемото меѓуоскино растојание, просторот за главите на патниците на задните седишта е зголемен за 29 милиметри.

Погонските опции ќе бидат откриени наскоро
Hyundai засега не ги открива моторите што ќе бидат достапни за новиот Tucson. Сепак, компанијата најавува дека сите технички детали ќе бидат објавени во наредните два месеци, пред официјалната глобална премиера во октомври.
Со целосно нов дизајн, помодерен ентериер и поголеми димензии, новата генерација на Hyundai Tucson има амбиција да остане еден од најконкурентните модели во сегментот на компактните SUV возила.










