Leapmotor C10 EV Design Pro: Тивок предизвикувач

Кинеските електрични автомобили веќе не се куриозитет на европските патишта, а во експанзијата се приклучува и Leapmotor со моделот C10. За разлика од останатите, овој СУВ не се обидува да го привлече вниманието со агресивен дизајн или спектакуларни перформанси, туку со пространа и светла кабина, богата опрема и комфорно возење. Во нивото на опрема Design Pro, C10 ја следи добро познатата формула на кинеските производители, да понуди што е можно повеќе за вложените средства, еден од адутите што му овозможува да се наметне меѓу веќе етаблираните ривали.

Тест Leapmotor C10 EV Design Pro
Тивок предизвикувач

Кој е Leapmotor

Компанијата Leapmotor е кинески производител на електрични возила, основан во 2015 година во Хангжу. Марката се фокусира на развој и производство на електрични автомобили, со акцент на современ дизајн, напредна технологија и конкурентна цена. Leapmotor во последните години забрзано го проширува своето присуство надвор од Кина, особено на европскиот пазар. Значаен чекор во тој процес е партнерството со Stellantis, преку кое Leapmotor добива посилна позиција за интернационална експанзија и продажба на своите модели на повеќе пазари. Денес, гамата на Leapmotor опфаќа целосно електрични модели, но и возила кои користат технологија за продолжен досег, воедно сите модели кои се лансирани за европскиот се достапни и на нашиот пазар.

Тест Leapmotor C10 EV Design Pro
Тивок предизвикувач

Чисти површини со строга дисциплина

Моделот C10 е долг 4.739 мм, широк 1.900 мм и висок 1.680 мм, што го сместува токму во средина помеѓу средната и големата класа на СУВ возила. Од друга страна меѓуоскиното растојание е 2.825 милиметри, а тоа е пресудно за изгледот. Тркалата се сместени во самите агли, превесите се кратки, а каросеријата стои затегнато и стабилно, без создавање на несакани ефекти Клиренсот од 180 милиметри овозможува високо седење и лесно влегување во кабината, но најважно од се е дека не се обидува да глуми теренец. Предниот дел е најмирниот дел од автомобилот. Наместо решетка има затворена, мазна површина, типична за електричните модели, но кај C10 таа е применета доследно, без лажни „ребра“ кои имитираа отвори на маска од ладилник. Тенка лента ја поврзува ширината на предницата, на чии краеви се умешно инкорпорирани тенки ЛЕД светлосни групи.

На долниот дел на браникот е креиран широк отвор за ладење, кој ненаметливо е интегриран во целината. Профилот е најсилниот аргумент на дизајнот. Страните се речиси целосно мазни, а линијата на „појасот“ е висока и се искачува кон задниот дел, додека покривот се спушта во нежна силуета што завршува со спојлер над задното стакло. Рачките на вратите се воволечени, а повисоката опрема Design Pro носи и задни затемнети стакла кои профилот го прават уште поцелосен.

Над големите 20 инчни алуминиумски фелни забележливо е отсуството на црни пластични облоги околу блатобраните, се е во боја на каросеријата, па возилото делува повеќе како кросовер, отколку како СУВ кој сака да биде теренец. На задниот дел се протега светлосна лента по целата ширина во која елегантно е скриено и копчето за електрично отворање на багажникот Браникот е изведен со чиста естетика, без непотребни пластични имитации на издувни цевки како кај некои конкуренти. Севкупниот изглед на возилото делува минималистички и смирено без елементи кои се обидуваат да се наметнат, што гледано на долг рок прави изгледот да делува актуелно и по долгогодишно поседување.

Просторност која ја посакувате

Со влегувањето во кабината на C10 веднаш се забележува огромното присуство светлина, заслуга на панорамски стаклен покрив со електрична ролетна. Командната табла е ниска и хоризонтална, речиси без физички копчиња, а средишниот тунел е разбиен на две нивоа. Возачот седи високо, над воланот и над конзолата, со чувство на отвореност и несекојдневна пространост. Седиштата се пресвлечени со материјал наречен OEKO-TEX со Standard 100. Производителот истакнува дека материјалот е особено издржлив и погоден за семејства со деца. Во пракса истите се изненадувачки меки, а сепак овозможуваат доволно потпора. Возачот има електрично подесување во 6 насоки, додека сопатникот во 4 насоки, дополнително поседуваат греење и вентилација со три нивоа на интензитет, како и греан волан.

Комотната атмосфера ја надополнува амбиенталното осветлување, во повеќе бои, а може да осветлува синхронизирано со музиката што ја слушате. Скриениот електричен отвор за вентилација е една од најубавите детаљи во кабината кој делува елегантно и скапо. Изработката е над очекуваното за класата. Различните материјали во кабината се сите во иста боја, со што се креира монолитен и складен изглед. Батеријата е интегрирана директно во структурата на возилото (Cell-to-Chassis), а тоа дава простор на кабината. Задната клупа е меѓу најпространите во сегментот, изобилство простор за нозе и над главата, и зад високи возачи.

Тест Leapmotor C10 EV Design Pro
Тивок предизвикувач

Подот е речиси рамен, затоа петтото место не е само чиста формалност. Простор на багажникот е со зафатнина од 435 литри, а со преклопени седишта тој расте до 1.410 литри што не е највеќе во сегментот, но е секако ќе ги задоволи потребите на 4 члено семејство. Во поглед на технологијата, како и кај повеќето возила во поново време речиси се се контролира преку централниот екран. Неговата дијагонала од 14,6 инчи, а пред возачот е поставен помал од 10,25 инчи. Системот го погонува чип на Snapdragon, така што реакциите се моментални. Софтверот, наречен Leap OS, е базиран на Android, поврзан е преку 4G и добива ажурирања преку воздух, кои не ја опфаќаат само инфозабавата, туку и системите за помош и управувањето со погонот. Мала замерка е отсуството на Apple CarPlay и Android Auto, но како што не известија од домашниот импортер, апдејтот кој се очекува до крајот на годинава ќе го реши ова прашање. Од друга страна, достапната апликација за пресликување на мобилниот телефон функционира исклучително добро.

Смирено движење као адут

Зад воланот, Leapmotor C10 остава впечаток кој повеќе сака да ве одржува во опуштена атмосфера отколку да ве импресионира со сурови перформанси. Неговиот електромотор испорачува 218 КС и 320 Нм, а силата се пренесува на задните тркала. Во пракса бројките се сосема солидни, од место до 100 км/ч забрзува за 7,5 секунди, додека максималната брзина е 170 км/ч. Тоа не се спортски вредности, но кај електричен СУВ со маса од околу две тони се повеќе од доволни за сигурност во секојдневниот сообраќај, престигнување или забрзување на автопат. Интересно е што испораката на моќност е намерно постепена и мазна. Наместо типичниот „удар“ што го нудат некои електрични автомобили веднаш по притискањето на педалот на акцелераторот, овде возилото забрзува линеарно и предвидливо. Во нормален режим возилото е тивко, смирено и лесно за контролирање.

Тест Leapmotor C10 EV Design Pro
Тивок предизвикувач

Задниот погон дополнително придонесува за природно чувство при забрзување, а моторот има доволно резерва за да не делува тешко ниту кога во кабината се исполнети сите места. Постојат различни режими на возење и можност за менување на карактерот на управувањето и испораката на сила, но на С10 најмногу му прилега опуштеното темпо. Со батеријата од 69,9 kWh, официјалниот WLTP досег е околу 420 километри. Во реалниот свет, бројката зависи од температурата, брзината, теренот и начинот на возење, а особено на автопат потрошувачката очекувано расте. Во нашиот случај трошевме помеѓу 14,4 kWh како најниска и 19,5 kWh како највисока потрошувачка. Тоа значи дека 380 до 400 километри опсег со едно полнење е реално постигнување во мешовито возење.

Тест Leapmotor C10 EV Design Pro
Тивок предизвикувачКога станува збор за полнењето, C10 прифаќа до 84 kW на DC брз полнач каде за полнење од 30% до 80% е потребно околу половина час, додека на  AC полнач, поддржува до 11 kW, што е сосема соодветно за полнење во домашни услови. Моделот C10 е подесен пред се за комфорно и релаксирано движење. Предната суспензија е со McPherson конструкција, додека назад е употребена независна суспензија. Во градски услови таа генерално добро ги филтрира ситните нерамнини, а тивката работа на електромоторот дополнително создава впечаток на рафинираност. Во свиоци, пак, високата каросерија и масата на автомобилот се чувствуваат, па има тенденција да се навалува за нијанса повеќе. Тука возилото јасно става на знаење дека не е создаден за нивно брзо совладување, туку за мирно и предвидливо минување низ нив.

На крајот, C10 најдобро се разбира кога ќе престанете да го гледате како автомобил кој треба да ги победи ривалите со перформанси. Неговата моќ е во смиреното движење, тишината и леснотијата со која ги совладува секојдневните километри. Секако, има и доволно сила, со задниот погон нуди интересна погонска конфигурација, а суспензијата е првенствено ориентирана кон комфор. Ако од електричниот СУВ очекувате пред се тивко, удобно и ненаметливо патување, C10 прилично добро ја извршува задачата, што е доволно силен аргумент за сериозно да се земе во предвид при изборот на следен автомобил.

Цена на тестираниот модел: 30.990 евра

Технички податоци за Leapmotor C10 EV Design Pro

Мотор Електричен
Моќност на заден ел.мотор 160 kW (218 КС)
Макс. вртежен момент на заден ел.мотор 320 Nm
Трансмисија На задните тркала преку директен менувач
Потпирање напред Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад Multi link, спирални пружини, телескопски амортизери
Сопирачки напред вентилирачки дискови, назад вентилирачки дискови, ABS, EBD, ESP, TCS
Пневматици напред: 245/45 R20 назад: 245/45 R20
Каросерија СУВ со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.739 х 1.900 х 1.680 мм
меѓуоскино растојание 2.825 мм
траги (напред/назад) -.— / -.— мм
Тежина 1.980 кг
максимална тежина 2.480 кг
багажен капацитет 435 литри (1.410 со преклопени седишта)
максимална брзина 170 км/ч
забрзување (0-100 км/ч) 7,5 секунди
капацитет на батерија Расположиви 67 kWh (бруто 69,9 kWh)
декларирана просечна потрошувачка на ел.енергија –,- – –,- kWh/100 km
времетраење на полнење AC 11 kW 0-100% -:– мин, DC 84 kW 30-80% 30:00 мин.
автономија на движење Декларирани 420 километри (измерена 380 километри)
емисија на CO2 0 г/км

Leapmotor C10 во Македонија

Leapmotor C10 EV Life Pro 29.990 евра
Leapmotor C10 EV Design Pro Max 35.490 евра
Leapmotor C10 EV Design Pro Max 4WD 37.490 евра
Leapmotor C10 Range Extended EV Life 32.990 евра
Leapmotor Range Extended EV C10 Design 34.490 евра

Повеќе информации во Автонова на тел. (0) 2 3093 011 или на www.leapmotor.net/mk

Конкуренти:

Geely E5 од 32.990 до –.— евра
Opel Grandland Electric од 51.100 до 62.250 евра
Volkswagen iD 4 од –.— до –.— евра
Renault Scenic E-Tech од –.— до –.— евра

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button