Changan официјално пристигна во Македонија

Македонскиот автомобилски пазар добива уште еден глобален производител. Компанијата Еуроимпекс официјално го претстави CHANGAN, еден од најголемите автомобилски брендови во Кина, кој од денес и официјално станува дел од нејзиното портфолио.

Со ова, Еуроимпекс, која веќе е генерален застапник на седум бренда, меѓу кои се и Peugeot и Opel, дополнително ја проширува својата понуда и станува дом на три глобални автомобилски бренда.

Од компанијата истакнуваат дека новиот бренд ќе понуди современи возила кои ги комбинираат дизајнот, безбедноста, комфорот и најновите технологии, овозможувајќи им на македонските купувачи уште поголем избор на едно место.

Changan

Еден од најголемите производители во Кина

CHANGAN е еден од четирите најголеми автомобилски производители во Кина и еден од најбрзо растечките глобални брендови во сегментот на интелигентната и одржлива мобилност.

Компанијата има повеќе од 60 години искуство во автомобилската индустрија и денес е присутна на повеќе од 100 пазари ширум светот. Располага со глобална мрежа на истражувачко-развојни центри во Кина, Италија, Германија, Велика Британија, Јапонија и САД, како и со бројни производствени капацитети и илјадници инженери кои работат на развојот на мобилноста на иднината.

Стратегијата на CHANGAN е насочена кон иновации, електрификација и паметни технологии, а филозофијата „Smart Your Future“ ја отсликува посветеноста на брендот кон создавање безбедни, интелигентни и поврзани возила.

Changan

Еуроимпекс: CHANGAN ќе донесе нови стандарди

Извршниот директор на Еуроимпекс, Зоран Серафимовски, истакна дека воведувањето на CHANGAN претставува значаен чекор во развојот на компанијата.

„Со особена чест и гордост воведуваме нов бренд во нашето портфолио – кинескиот автомобилски гигант CHANGAN. Овој бренд претставува совршен спој на иновација, технологија и квалитет, а нашата цел е на клиентите да им понудиме автомобили кои ги исполнуваат највисоките светски стандарди. Убедени сме дека CHANGAN ќе биде освежување на домашниот автомобилски пазар и ќе постави нов праг на очекувања кај потрошувачите“, изјави Серафимовски.

Електрифицирани модели и целосна поддршка

Во првата фаза на македонскиот пазар ќе бидат достапни моделите кои веќе успешно се продаваат во Европа. Тие ќе понудат современи системи за безбедност, напредни дигитални технологии, електрифицирани погонски решенија и високо ниво на удобност.

Заменик извршниот и маркетинг директор на Еуроимпекс, Ивана Мначева Михајловска, нагласи дека купувачите ќе добијат комплетно корисничко искуство.

„Со официјалното пристигнување на CHANGAN, купувачите во Македонија добиваат не само нов автомобилски бренд, туку и целосно корисничко искуство кое вклучува професионална продажба, овластен сервис и постпродажна поддршка, согласно највисоките стандарди на производителот“, истакна таа.

Changan

Еуроимпекс продолжува да ја проширува понудата

Еуроимпекс е првата приватна компанија во автомобилската индустрија во Македонија и повеќе од 35 години е присутна во областа на увозот, продажбата и сервисирањето на возила.

Со воведувањето на CHANGAN, компанијата продолжува да ја реализира својата стратегија за проширување на понудата и обезбедување на најсовремени автомобилски решенија за домашните купувачи, следејќи ги глобалните трендови во електрификацијата и паметната мобилност.

Поврзани вести

Back to top button