Mission S е најава за новиот суперавтомобил на Porsche

Porsche го претстави Mission S, концепт што го најавува новиот суперавтомобил кој носи нов дизајн, боксер V8 мотор и сериско производство

Porsche официјално го претстави концептот Mission S, модел кој не само што го најавува новиот дизајнерски правец на германскиот производител, туку и идниот сериски суперавтомобил што ќе се позиционира над легендарниот 911. За разлика од претходните ограничени хиперавтомобили, новиот модел нема да биде ексклузивна едиција, туку постојан дел од понудата на Porsche.

Porsche Mission S

Нов дизајнерски јазик инспириран од легендите

Mission S носи препознатлив Porsche изглед, но со целосно нов пристап. Каросеријата е обликувана околу централно поставен мотор, што му дава класични пропорции на суперавтомобил.

Предниот дел е инспириран од легендарниот тркачки Porsche 911 GT1, со голем централен отвор за воздух, заоблени предни крила, кружни светла и два големи отвори на хаубата. Одзади вниманието го привлекува мал вентилатор поставен во средината на капакот на моторот, инспириран од славниот Porsche 917, како и интегрираниот заден спојлер, масивниот дифузер и четирите вертикално поставени издувни цевки.

Кабина фокусирана на возачот

Во внатрешноста, Porsche останува верен на својата филозофија за максимална ориентираност кон возачот. Дизајнот црпи инспирација од класичните 356 и 550 Spyder, додека инструмент-таблата располага со пет дигитални инструменти, слично како кај актуелниот 911.

Наместо централен инфозабавен екран, Mission S користи извлекувачки држач за паметен телефон со MagSafe конекција, преку кој се користат навигацијата и Porsche апликациите. Во кабината има и физички прекинувачи за управување со функциите на возилото, карбонски менувач и спортски школкасти седишта со тркачки појаси.

Наследник на 918 Spyder?

Последниот вистински суперавтомобил на Porsche беше 918 Spyder, а компанијата веќе неколку години работи на негов наследник. Во 2023 година беше претставен електричниот Mission X, кој требаше да биде новиот врв на гамата, но промените на пазарот и намалениот интерес за екстремно скапи електрични хиперавтомобили го променија правецот на развој.

Во меѓувреме, Ferrari и McLaren ги претставија своите хибридни F80 и W1, по што Porsche очигледно одлучи повторно да се насочи кон моторите со внатрешно согорување.

Porsche Mission S

Ќе стане сериски модел

Иако Mission S е концепт, Porsche потврди дека веќе развива сериски суперавтомобил со истиот дизајнерски правец. За разлика од ограничените модели, новиот автомобил ќе биде постојан дел од понудата и ќе се позиционира над 911 како нов врвен спортски модел на брендот.

„Mission S дава увид во идеите и дизајнерските решенија што ќе го обликуваат Porsche во следните години. Истовремено, тој претставува платформа за суперавтомобил со централно поставен мотор, позициониран над 911, не како еднократен хиперавтомобил, туку како постојан и разновиден дел од нашата понуда“, изјави претседателот на Управниот одбор на Porsche AG, Михаел Лајтерс.

Се подготвува нов боксер V8 мотор

Според претходни информации, Porsche развива целосно нов осумцилиндричен боксер мотор, кој најверојатно ќе го придвижува серискиот наследник на Mission S. Доколку овие информации се покажат точни, новиот модел би можел да стане најмоќниот и најексклузивниот сериски спортски автомобил во историјата на компанијата, комбинирајќи традиционална механика со современ дизајн и најнова технологија.

Поврзани вести

Back to top button