Renault Group со три автомобилски визии и една заедничка стратегија

Renault Group во Париз ги претстави новите концепти, ЕВ модели и технолошки иновации што ја најавуваат иднината на Renault, Dacia и Alpine

Од електричната реинтерпретација на семејниот автомобил и враќањето на легендарните спортски имиња, до достапната електрификација и новата генерација спортски автомобили, Renault Group во Париз покажа дека иднината на автомобилот не мора да има само едно лице.

Француската групација ја искористи домашната автомобилска сцена за да ја демонстрира насоката во која се движи. Зад настапот стои стратегијата „futuREady“, чија цел е да ги поврзе развојот на нови модели, технолошките иновации и конкурентноста на европскиот пазар, каде понудата ја гради преку комбинација од целосно електрични и хибридни автомобили, практични семејни возила, комерцијални модели и спортски машини. За да ги проследиме сите информации од прва рака се погрижи Аутомотив Груп на чија покана присуствуваме на сите презентации поврзани со возилата од Renault Group.

Семејната мобилност во електричната ера

Во центарот на вниманието на Renault беше светската премиера на E-Space Concept.  концептен автомобил што ја преиспитува идејата за семеен простор на тркала. Инспириран од наследството на оригиналниот Espace, претставен во 1984 година, концептот ја пренесува филозофијата „voitures à vivre“, односно автомобили создадени околу секојдневниот живот на луѓето. Неговата модуларна архитектура и акцентот врз патничкиот простор ја отвораат темата за тоа како електричниот погон може да овозможи поинакво искуство во семејниот автомобил. Концептот истовремено испраќа порака дека електрификацијата не мора да значи откажување од практичноста и комфорот. Напротив, таа може да биде основа за нова генерација автомобили во кои архитектурата, функционалноста и дигиталното искуство се развиваат заедно.

Renault Group Paris

Електричната емоција се враќа преку легендарните имиња

Renault во Париз покажа дека историското наследство може да биде значаен дел од идната стратегија, без едноставно повторување на минатото. Renault 8 Gordini Concept е современа, целосно електрична интерпретација на легендарното спортско име, со две седишта, радикални пропорции и препознатливи линии што потсетуваат на неговите тркачки корени. Овој концепт ја претставува идејата за електричен спортски автомобил што не се потпира единствено на бројките за моќност и забрзување, туку и на емоцијата, визуелниот идентитет и врската со автомобилската историја. Во сличен дух, Renault 5 Turbo 3E ја продолжува приказната за спортската страна на електричната мобилност. Со тоа, Renault покажа дека електричниот погон може да биде основа не само за рационални градски и семејни автомобили, туку и за модели со изразен карактер и перформансна ориентација.

Renault Group Paris

Технологијата што треба да се почувствува во секојдневието

Покрај концептите, важен дел од настапот на Renault беше посветен на конкретни технолошки подобрувања кај моделите што се поблиску до секојдневните потреби на купувачите. Новиот Mégane E-Tech доби батерија со технологија LFP (литиум-железо-фосфат) и капацитет од 67 kWh, со деклариран досег до 500 километри. Renault најавува и подобрени перформанси при брзо полнење: од 15 до 80 проценти за околу 24 минути. На изложбата беше претставен и Trafic Van E-Tech electric, кој ја нагласува важноста на електрификацијата во сегментот на лесни комерцијални возила. За професионалните корисници, електричниот погон отвора прашања што одат подалеку од еколошките придобивки: оперативни трошоци, организација на испораките, автономија и прилагодување на возилото кон работниот ден.

Renault Group Paris

Електрификација без откажување од достапноста

Ако Renault ја нагласува врската меѓу технологијата, дизајнот и секојдневниот живот, Dacia во Париз настапи со препознатлив пристап, новите технологии имаат вистинска вредност кога се достапни и одговараат на реалните потреби на купувачите. Главниот новитет е целосно редизајнираниот Spring, кој сега се произведува во Европа. Со тоа, Dacia ја продолжува својата офанзива во сегментот на достапни електрични автомобили, во кој цената, практичноста и трошоците за користење имаат пресудно значење. Друг значаен модел кој наскоро ќе започне со продажба е „кросоверот“ Striker, со него марката дополнително го зајакнува присуството во C-сегментот. По успехот на Bigster како дел од ширењето кон поголемите возила, Striker ја надополнува стратегијата за проширување на понудата без напуштање на основниот принцип на брендот, максимална функционалност и вредност за вложените пари.

Спортската иднина се гради од нова основа

На другиот крај од спектарот се наоѓа Alpine, марката чиј идентитет се темели врз леснотијата, прецизноста и возачкото доживување. Нејзиниот настап во Париз беше насочен кон следната генерација спортски автомобили. A110 Sculpture дава најава за третата генерација на A110, додека A310 VISION ја истражува можноста за проширување на спортското портфолио со автомобил што го поврзува наследството на Alpine со современите електрични технологии. Двата концепта се засноваат на Alpine Performance Platform (APP), модуларна техничка основа развивана за различни каросериски форми и погонски конфигурации.

Поврзани вести

Back to top button