Kристофер Меккинон ексклузивно за Авто Плус: Нови модели, електрификација и развој на N брендот
Потпретседателот и раководител на Одделот за производи на Hyundai Motor Europe, Кристофер Меккинон, зборува за иднината на европската моделска гама, подостапните електрични автомобили и потенцијалот за нови N-модели

За време на одржувањето на Парискиот автомобилски салон 2026, тимот на Авто Плус имаше ексклузивна можност, како единствена новинарска екипа од Македонија, да присуствува на тркалезна маса организирана непосредно пред светската премиера на двата нови СУВ модели на Hyundai. Во рамките на оваа средба, одговорите на нашите прашања ги даде Кристофер Меккинон, овозможувајќи ни одблизу да дознаеме повеќе за новитетите и насоките во кои се развива моделската гама на корејскиот производител.
Електричната мобилност бара поголема пристапност
Авто Плус: Прифаќањето на електричните возила на балканските пазари се одвива многу побавно отколку во западниот дел на Европа. Како вие одговарате на овој предизвик? Дали решението лежи во понудата на подостапни модели?
Кристофер Меккинон: Сите пазари се важни, сите клиенти се важни. Предноста на работењето во толку голема групација како што е Hyundai, каде што произведуваме автомобили во Индија, Бразил, Кина и Европа, е тоа што ги имаме потребните можности и технологии за да одговориме на различните потреби на пазарите. Затоа, ако на некој помал пазар на Балканот, на пример, му е потребно нешто конкретно, прилично сум сигурен дека имаме можност да одговориме на тие потреби. Мислам дека, до одреден степен, тоа веќе го правиме. Кога станува збор за електричните возила, се обидуваме да го решиме прашањето на пристапноста со лансирањето на моделот Inster, кој е позициониран во зоната малку над 20.000 евра, како и со Ioniq 3 чија стартна цена ќе биде позиционирана под 30.000 евра. И двата се одлични автомобили сами по себе, имајќи го предвид она што му го нудат на пазарот. Сметам дека Ioniq 3, со просторот што го нуди во рамките на своите компактни димензии, покрива прилично широк сегмент. Практично, се протега од Б сегментот до Ц сегментот кај хечбек моделите. Затоа сум сигурен дека може да претставува значајна можност и за вашиот пазар, особено ако владата ги препознае предностите на електричните автомобили и даде свој допринос во потикнување на купувачите преку субвенции за електрични возила.
Нови модели и офанзива во СУВ сегментот
Авто Плус: Од она што е најавено досега може да се претпостави дека Hyundai подготвува поширока понуда на нови модели за европскиот пазар?
Кристофер Меккинон: Мислам дека веќе денеска можете да ја видите нашата офанзива со нови модели. Практично, имаме четири нови производи изложени на нашиот штанд. Имаме светска премиера на новиот Bayon, го претставуваме и новиот Tucson, а сега го носиме и Ioniq 3 на пазарот. Ова е само почетокот. Во текот на следната година ќе видите уште повеќе новитети. Значи, да, денеска ја гледате нашата офанзива со СУВ моделите, во моментов не можам да откривам се… а, за тоа што следи, наскоро ќе слушнете од претседателот на компанија. Ако говориме конкретно за Bayon, Единствено нешто што можам да го истакнам пред официјално да го видите возилото е дека со новата генерација првенствено се обраќаме на постојните купувачи на Bayon, имајќи предвид дека моделот се повеќе навлегува во СУВ сегментот, а на него воедно гледаме како одлична можност да привлечеме нови клиенти кон брендот. Тоа се моите очекувања во моментов! Во автомобилот вградивме голем дел од технологијата што ни е достапна во рамките на групацијата. Практично, тој ги има дисплеите како и инфозабавниот систем што се користи во нашите модели од Ioniq семејството. Исто така, опремен е со систем за следење на мртвиот агол и камери со приказ од 360 степени. На тој начин го осовременуваме моделот за да може да се натпреварува со конкурентите на пазарот, но истовремено воведуваме и функции што ги бараат нашите постојни клиенти. Значи, го правиме Bayon подобар за досегашните купувачи, но во исто време сакаме да привлечеме нови клиенти.
Авто Плус: Кои се главните предности кои би ги истакнале на новиот Tucson во однос на конкуренцијата и што е тоа, по кое се издвојува од нив?
Кристофер Меккинон: Мислам дека тоа се неговите сестрани можности и се што нудиме во поглед на практично применливата технологија. Токму тоа не издвојува од конкуренцијата. Станува збор за комплетен пакет. Можете да го замислите Tucson како „швајцарско ноже“, автомобил што нуди решение за речиси секоја потреба. Имате можност да изберете погон каков што ви одговара, бензински, хибриден или plug-in хибриден. Багажен простор со капацитет меѓу најдобрите во класата. Значи, и во поглед на практичноста и разновидноста, Tucson има многу што да понуди. Кога станува збор за безбедносните системи Smart Sense, ги имаме сите функции што би можеле да ни бидат потребни за избегнување судири. Но, тука е и системот ADAS, со Highway Driving Assist 2.0, кој овозможува искуство најблиску до возење без раце на воланот, во рамките на предвидените услови за користење. Тоа придонесува за порелаксирано и попријатно возење. Дополнително, нудиме и многу луксузни детали и опрема, седишта со функција за масажа, активни странични потпирачи, како и вентилирани и загревани седишта, затоа е навистина пријатно да се престојува во него. Но, според мене, најголемата предност на Tucson е тоа што нуди комплетен пакет. Бензински, хибридни и plug-in хибридни погони.

Перформансите се повеќе од само ознака
Авто Плус: Во понудата на европскиот континент моментално ги нудите Ioniq 5 N и Ioniq 6 N, а се зборува и за можноста дека спортското одделение подготвува дополнителни модели кои ќе го користат бензинот како примарен извор на енергија, дали тоа значи дека можеме да очекуваме N верзија и кај новиот Tucson?
Кристофер Меккинон: Сметам дека е вредно да ги разгледаме можностите што ги нуди таа платформа, за да видиме дали можеме да создадеме Tucson N што ќе ги поседува карактеристиките на наградуваниот Ioniq 6 N. Затоа што, запомнете, не станува збор само за поставување на ознаката N на автомобилот. Тоа може да го направи секој. Суштината е да се осигуриме дека автомобилот ќе ги понуди перформансите и карактеристиките на Ioniq 6 N, кој ја освои титулата „Светски автомобил со најдобри перформанси на годината“. Не е лесно да се постигнат такви перформанси. Погонскиот систем, управливоста, шасијата и сите останати елементи мора да бидат на соодветното ниво. Ако процениме дека автомобилот може да ги исполни тие барања, тогаш со сигурност ќе размислиме за развој на таков модел. Сe зависи од карактеристиките и од видот на технологијата што можеме да ја вградиме во автомобилот, за тој навистина да го отсликува ДНК профилот на N брендот. Сепак, денес не можам да коментирам за целокупната моделска понуда. Но, можам да ве уверам дека работиме на развојот во согласност со задачата што ни е доверена, за да можеме да понудиме уште повеќе одлични модели со N ознака. Секогаш сакам да се натпреварувам, а бидејќи и самиот сум голем љубител на спортските автомобили, настојувам да имаме верзии со високи перформанси кои ќе бидат задвижувани од различни типови на енергија. Всушност, можете да видите дека и нотесот кој е пред мене е во знакот на N перформансното одделение!



