BYD во Париз: Нова технолошка офанзива

BYD во Париз ги претстави новите електрични и plug-in хибридни модели, со Atto 8, Shark и Flash Charging технологија за ултрабрзо полнење

Компанијата BYD во Париз ја најави новата технолошка офанзива со електричен СУВ, ултра брзо полнење и супер хибриди. Марката што за многу купувачи првично беше поврзана со електрични автомобили и сопствена технологија на батерии, сега настапува со значително поширока понуда која опфаќа компактни градски модели и семејни СУВ возила до plug-in хибриди и големи автомобили со седум седишта. Нашата редакција во соработка со Еволутион-Ауто, овластениот дистрибутер за Македонија отпатува на лице место да ги открие сите новости кои на европско тло ги носи кинескиот автомобилски гигант.

Знаменосец од сегментот на големите СУВ модели

Најзначајната премиера на штандот на BYD беше Atto 8, голем семеен СУВ со три реда седишта, наменет за купувачи на кои им се потребни простор, комфор и долг досег. Моделот е опремен со батерија од втората генерација на Blade Battery, со капацитет од 115 kWh, а декларирани 775 КС и досег достигнува до 653 км. Тоа го позиционира Atto 8 како модел со амбиција да ги намали компромисите што сè уште ги поврзуваат дел од купувачите со големите електрични возила, особено во однос на автономијата и потребата од чести запирања за полнење. Просторноста е вториот столб на неговата концепција. Седумте седишта го прават релевантен за поголеми семејства. Со тоа, BYD се обидува да ги спои практичноста на голем семеен автомобил и удобноста што традиционално се поврзува со повисоките класи. Но, вистинскиот технолошки адут е поврзан со системот за полнење. Според најавите, Flash Charging технологијата овозможува дополнување од 10 до 70% за 5 минути, а од 10 до 97% за 9 минути, дури и на температура од −30 °C, полнењето од 20 до 97% трае само 12 минути.

BYD Париз 2026

Електрификацијата пристигнува и во светот на пикапите

Со моделот  Shark, кинескиот производител влегува во сегментот на пикапи со plug-in хибриден погон, комбинирајќи електрични перформанси, теренска функционалност и технологии наменети за професионална употреба. Овој модел е особено значаен затоа што покажува како електрификацијата може да се примени и кај возила што мора да одговорат на барањата за носивост, влечење и движење надвор од асфалтирани патишта. Каросеријата со двојна кабина располага со пет седишта, додека товарниот простор има зафатнина од 1.200 литри како и можноста за влечење приколка со сопирачки до 2.500 кг. Во основата на Shark користисе наоѓа DMO (Dual Mode Off-road), plug-in хибридна архитектура. Системот ги поврзува 1,5-литарскиот турбобензински мотор со два електромотора, поставени на предната и задната оска, овозможувајќи погон на сите четири тркала. Комбинираната системска моќност изнесува 436 КС, со максимален вртежен момент од 650 Nm и забрзување од 0 до 100 км/ч за 5,7 секунди.

BYD Париз 2026

Втората генерација на Blade Battery како стратешка предност

BYD во Париз ја стави во центарот на вниманието и втората генерација на Blade Battery, продолжение на технологијата што е еден од најважните елементи на идентитетот на компанијата која се базира на литиум/железо/фосфат (LFP) хемиски состав. Нејзините карактеристики ја прават особено значајна за производител што сака да понуди електрични автомобили во широк ценовен спектар и големини од повеќе сегменти. Новата генерација е развиена со акцент врз подобрување на брзото полнење и енергетските перформанси. Ова е важно бидејќи автономијата сама по себе не го решава целосно прашањето за практичноста на електричниот автомобил. За дел од купувачите, времето потребно за дополнување на енергијата и можноста за брзо продолжување на патувањето имаат еднакво значење.

BYD Париз 2026

Битката за минутите

Тука се надоврзува и стратегијата за Flash Charging за ултра брзо полнење од 1.500 kWh. Наместо развојот да се ограничи на самата батерија, BYD се обидува да ги поврзе акумулацијата на енергијата, системот за управување со батеријата и инфраструктурата за полнење во интегрирано решение. Со Flash Charging компанијата сака да го намали времето што возачите го поминуваат на полнач и да ја доближи практичноста на електричниот автомобил до навиките поврзани со традиционалното полнење гориво. Ако инфраструктурата за ултра брзо полнење се прошири и стане достапна на главните европски патни коридори, таа може да ја намали една од главните психолошки бариери за преминување кон електричен автомобил. Компанијата веќе има инсталирано над 12.000 вакви полначи во Кина и планира да изгради 3.000 станици од овој тип на стариот континент до крајот на 2027 година, а новиот Atto 8 е првиот модел во Европа што целосно ќе ја користи оваа технологија.

BYD Париз 2026

Електрично возење без целосна зависност од полнач

Покрај целосно електричните модели, BYD ја нагласи и технологијата DM-i Super Hybrid, која комбинира електричен погон со бензински мотор и можност за надворешно полнење на батеријата. Меѓу изложените модели беа Atto 2 DM-i, Sealion 5 DM-i и Seal U DM-i. Нивната концепција е насочена кон купувачи што сакаат значителен дел од секојдневните патувања да ги поминуваат на електричен погон, но истовремено сакаат поголема флексибилност за подолги релации кога инфраструктурата за полнење е ограничена.

Поврзани вести

Back to top button