Zeekr пристигна во Југоисточна Европа

Zeekr официјално пристигна на пазарите во Југоисточна Европа. Кинескиот премиум бренд, кој е дел од Geely Auto Group, своето регионално деби го одбележа со претставувањето на новиот Zeekr 9X – луксузен SUV кој комбинира супер хибриден погон, 900-волтна архитектура и најсовремени технологии за комфор и безбедност.
Официјалното лансирање беше одржано на 23 октомври во Белиот двор во Белград, каде што пред претставниците на медиумите и партнерите беше означен почетокот на присуството на Zeekr во Југоисточна Европа.
Брендот е дел од Geely Auto Group и располага со развојни и дизајнерски центри во Гетеборг, Нингбо, Хангџоу и Шангај. Од почетокот на испораките во октомври 2021 година досега, Zeekr има испорачано повеќе од 850.000 возила на глобално ниво, а неговата амбиција е да стане сеопфатен провајдер на решенија за мобилност.

Zeekr 9X ја отвора новата страница на брендот
Во центарот на вниманието беше новиот Zeekr 9X, првиот супер хибриден SUV на брендот, дизајниран во Гетеборг, Шведска. Моделот ја комбинира европската дизајнерска филозофија со напредна технологија, висококвалитетна изработка и богата листа на луксузна опрема.
Верзијата Zeekr 9X Ultra AWD со шест седишта е достапна во боите Crystal White, Lava Grey и Onyx Black, а купувачите можат да изберат и пакет со црни елементи во висок сјај.

До 897 КС и забрзување до 100 km/h за 4,1 секунда
Под каросеријата се наоѓа новата генерација 900V двоен погонски систем, кој испорачува 660 kW, односно 897 коњски сили.
Благодарение на оваа технологија, Zeekr 9X забрзува од 0 до 100 km/h за само 4,1 секунда, додека максималната брзина изнесува 240 km/h.
Супер хибридниот систем комбинира електричен погон со 2,0-литарски турбо бензински мотор, кој служи како генератор за продолжување на автономијата и одржување на високите перформанси.
Возачот може да избира различни интелигентни режими на возење – од целосно електричен режим до офроуд поставки, поддржани од адаптивна воздушна суспензија со две комори и CDC електромагнетни амортизери.

Полнење од 10 до 80 проценти за само 9,5 минути
Една од најголемите предности на Zeekr 9X е можноста за ултрабрзо DC полнење, при што батеријата се полни од 10 до 80 проценти за само 9,5 минути.
Производителот наведува и максимален досег до 737 километри, со што моделот е наменет и за долги патувања без чести запирања за полнење.
Практичноста ја дополнуваат багажник од 677 литри, кој може да се прошири на 2.148 литри, како и можност за влечење приколка со маса до 2.000 килограми.

Кабина со OLED екрани и напредни системи
Во кабината доминира 47-инчен head-up дисплеј, кој ги проектира навигацијата, брзината и другите важни информации директно во видното поле на возачот.
Пред него се наоѓа 13-инчен дигитален инструмент панел, додека централниот дел го зазема 16-инчен 3,5K OLED екран со двоен приказ. И покрај дигитализацијата, Zeekr задржал и физички команди за најважните функции.
Безбедносната опрема вклучува LiDAR, напредни системи за асистенција при возење, помош при возење на автопат и автоматско паркирање.

Луксузни материјали и аудио систем со 32 звучници
Ентериерот користи нордиско дрво, Nappa кожа и рачно обработени декоративни елементи, а централната конзола е украсена со кристален ротирачки контролер.
За аудио искуството е задолжен Naim Premium систем со 32 звучници, 40 засилувачки канали, двојни сабвуфери и осум тактилни вибратори, кои создаваат четиридимензионално звучно доживување.
Дополнително, активното поништување на бучавата овозможува кабината да остане исклучително тивка и при повисоки брзини.

Автомобил што се претвора во приватно кино
За патниците на задните седишта Zeekr подготви вистинско кино на тркала.
Од таванот се спушта 17-инчен 3K OLED екран, кој може да се придвижи до 88 сантиметри напред. Истовремено автоматски се затвора панорамскиот покрив, се активираат завесите за приватност, а амбиенталното осветлување со 16,8 милиони бои се прилагодува на кино атмосфера.
Во централниот дел е сместен паметен фрижидер со можност за ладење и загревање во опсег од -6 до +50 степени Целзиусови, додека патниците располагаат и со 6,3-инчен Magic Control екран, преку кој можат да управуваат со климата, осветлувањето и мултимедијалните функции.

Дизајн инспириран од светот на луксузот
Однадвор, Zeekr 9X се издвојува со масивна предна маска во форма на водопад, Starlight Matrix LED светла, светлосна лента преку целиот преден дел и динамична силуета инспирирана од луксузните јахти, модерната архитектура и современата уметност.
Со своето пристигнување во Југоисточна Европа, Zeekr јасно покажува дека сака да биде сериозен играч во премиум сегментот, а новиот 9X претставува модел кој комбинира високи перформанси, напредна технологија и луксуз каков што досега беше резервиран за најексклузивните автомобилски брендови.


















