CFMoto V4SR-RR: Кинескиот производител влегува во светот на супербајковите
CFMoto го претстави V4SR-RR - првиот супербајк со V4 мотор, над 210 КС, активна аеродинамика и премиум компоненти

CFMoto официјално ја претстави сериската верзија на V4SR-RR на саемот EICMA 2026, означувајќи ново поглавје во историјата на компанијата. Станува збор за првиот сериски супербајк на брендот, кој носи V4 мотор, активна аеродинамика и премиум компоненти што досега беа резервирани за најексклузивните европски спортски мотоцикли.
Иако производителот сè уште не ги открива сите детали околу цената и достапноста, спецификациите јасно покажуваат дека CFMoto има амбиција директно да им конкурира на модели како Ducati Panigale V4 и BMW M 1000 RR.

Нов 997-кубен V4 мотор со повеќе од 210 КС
Во срцето на новиот V4SR-RR работи целосно нов 997-кубен V4 мотор под агол од 90 степени, развиен целосно од инженерите на CFMoto.
Според официјалните податоци, агрегатот развива повеќе од 210 коњски сили, додека максималните вртежи достигнуваат 15.000 вртежи во минута. Моторот користи и контра-ротирачко коленесто вратило, решение преземено од MotoGP, кое ги намалува жироскопските сили и овозможува побрзи промени на насоката.
Дополнително, моторот добива титаниумски поврзувачки шипки (connecting rods) произведени од австриската компанија Pankl, позната по своите високоперформансни компоненти за мотоспортот.

Активна аеродинамика со подвижни крилца
Една од најинтересните технологии кај новиот супербајк е активната аеродинамика.
За разлика од класичните фиксни аеродинамични крилца, кај V4SR-RR тие активно го менуваат аголот, со што автоматски ја приспособуваат потисната сила и стабилноста во зависност од условите на возење.
CFMoto тврди дека системот обезбедува 20 проценти поголема потисна сила на предното тркалонепосредно пред сопирање од брзина од околу 160 km/h, а крилцата можат да работат и независно едно од друго за побрзо менување на правецот во свиоци.

Премиум компоненти за максимални перформанси
Шасијата е конструирана така што моторот има носечка функција, додека геометријата може да се прилагодува според потребите на возачот.
Во пакетот се вклучени и целосно прилагодлива Öhlins суспензија, Brembo Hypure сопирачки, Akrapovič титаниумски издувен систем и Pirelli Diablo Supercorsa SP V4 пневматици.
CFMoto наведува сува тежина од околу 180 килограми, додека претсериски прототип во Кина веќе достигнал максимална брзина од 316 km/h за време на официјално тестирање.

Ќе има и уште поекстремна Carbon Black верзија
Покрај стандардниот модел, компанијата претстави и Carbon Black изведба, ориентирана уште повеќе кон употреба на тркачка патека.
Оваа верзија добива дополнителни карбонски елементи и уште поекстремна конфигурација за возачите кои бараат максимални перформанси.

Цената засега останува непозната
Иако CFMOTO ги откри речиси сите технички детали, производителот сè уште не соопштува кога ќе започне продажбата, колкава ќе биде цената и на кои пазари ќе биде достапен новиот V4SR-RR.
Сепак, со V4 мотор, активна аеродинамика и врвни компоненти од реномирани европски производители, CFMoto V4SR-RR јасно покажува дека кинескиот бренд повеќе не сака да биде препознатлив само по пристапните модели, туку има амбиција да стане сериозен играч и во највисоката класа на суперспортски мотоцикли.












