Кинескиот Yangwang U9 Xtreme е првиот сериски автомобил што надмина 500 km/h
BYD Yangwang U9 Xtreme постави нов светски рекорд со 503,17 км/ч и стана првиот сериски автомобил што ја надмина границата од 500 км/ч

Yangwang U9 Xtreme, електричниот хиперавтомобил на кинескиот производител BYD, испиша нова страница во автомобилската историја, поставувајќи нов светски рекорд за најголема брзина постигната од сериски автомобил. На затворен дел од јавен автопат во Абу Даби, моделот достигна 503,17 km/h, со што стана првиот сериски автомобил што ја надминал границата од 500 km/h.
Со овој резултат, Yangwang го подобри сопствениот рекорд од 2025 година, кога U9 Xtreme достигна 496,22 km/h, надминувајќи го тогашниот рекорд на Bugatti Chiron Super Sport 300+ од 490,48 km/h.
Рекорд поставен на јавен автопат
За рекордниот обид, BYD обезбедил затворен дел од автопатот E11 во Абу Даби долг 10 километри, од кои околу седум километри биле искористени за максималната брзина.
Зад управувачот бил германскиот тркач Марк Басенг, а пред обидот целата траса била детално исчистена од песок и други нечистотии за да се обезбедат идеални услови за возење.
Со тоа, Yangwang U9 Xtreme стана и првиот автомобил по Koenigsegg Agera RS во 2017 година што поставил светски рекорд за максимална брзина на јавен пат.
Речиси 3.000 КС од четири електромотори
За рекордните перформанси е заслужен погонскиот систем составен од четири електромотори, кои заедно развиваат повеќе од 2.959 коњски сили (2.207 kW).
Во споредба со стандардниот U9, верзијата Xtreme користи 1.200-волтна електрична архитектура, наместо 800-волтниот систем, како и специјално развиена верзија на Blade батеријата на BYD.
До рекордот не дошло од првиот обид
Рекордната брзина не била постигната веднаш. Првиот ден од тестирањето U9 Xtreme достигнал околу 490 km/h, по што инженерите во текот на ноќта направиле серија прилагодувања. Оптимизирани биле температурата на батеријата и електромоторите, изменет бил аголот на задниот спојлер, дополнително било подесено потпирањето, а коригиран бил и притисокот во гумите за поголема стабилност при екстремни брзини.
Следниот ден овие измени се покажале како успешни, а автомобилот официјално достигнал 503,17 km/h, резултат потврден и од Guinness World Records.
Покрај апсолутниот рекорд, Yangwang поставил уште три достигнувања – за најбрз електричен сериски автомобил, најбрза гума за електрично возило и најбрза гума хомологирана за патна употреба. За рекордниот обид биле користени специјално развиени полу-слик гуми од производителот Giti Tire.

Тежок инцидент за време на тестирањата
Неколку дена по поставувањето на рекордот, на интернет се појави видео од уште еден Yangwang U9 Xtreme, кој доживеал тежок инцидент за време на тестирања во Кина.
Компанијата не откри со која брзина се движел автомобилот ниту што точно ја предизвикало несреќата, но ударот бил толку силен што возилото било речиси целосно уништено. Сепак, карбонската монокок конструкција ја исполнила својата задача, а возачот поминал без потешки повреди.







