MG S5 EV: Разумна опција на практичната формула

Новиот електричен кросовер на MG носи просторност, богата опрема и солидни возни карактеристики, докажувајќи дека пристапната цена и зрелото автомобилско решение повеќе не мора да бидат спротивставени категории.

Автомобилската индустрија забрзано се менува, а електрификацијата отвара простор за многу повеќе производители, технологии и поинакви пристапи кон пазарот. Во оваа трансформација, MG успеа да изгради препознатлива позиција, пред се благодарение на понудата што комбинира конкурентни цени со богата опрема. Но, со текот на времето стана јасно дека привлечната цена сама по себе повеќе не е доволна. Купувачите очекуваат квалитет, практичност, технологија и возни карактеристики што нема да ги потсетуваат на направен компромис. Токму тука настапува новиот S5 EV, модел кој ја презема улогата од ZS EV и се обидува да ја подигне репутацијата на брендот на повисоко ниво. Наместо само да понуди достапна алтернатива на етаблираните конкуренти, моделот покажува амбиција да биде рамноправен учесник во сe позаситениот сегмент на електрични компактни кросовери. По впечатокот што го остава, станува збор за досега најзрелиот електричен модел на марката.

Тест MG S5 EV Comfort Long Range 64 kWh Разумна опција на практичната формула

Препознатливост без дизајнерски претерувања

Моделот S5 е компактен кросовер што припаѓа во семејната класа, а неговите димензии и силуета се обликувани со јасна намера да ги спојат робусниот изглед на СУВ моделите со елегантните пропорции на современите електрични автомобили. Предниот дел е веројатно највпечатливиот сегмент од надворешноста. Затворената предна маска, карактеристична за електричните модели е интегрирана во обликот на браникот, додека тенките светлосни групи придонесуваат за поширок визуелен впечаток. Нивната форма е модерна и релативно остра, а светлосниот потпис му дава препознатлив идентитет на автомобилот. Под нив, предниот браник е обликуван со понагласени странични отвори и централна површина што ја разигрува предница. Долниот дел има потемен заштитен елемент, кој дополнително ја нагласува кросоверската природа на моделот.

Тест MG S5 EV Comfort Long Range 64 kWh Разумна опција на практичната формула

Погледнат од страна, S5 остава впечаток на добро пропорциониран автомобил, релативно долгото меѓуоскино растојание и благо спуштената линија на покривот создаваат избалансирана силуета. Лаковите на тркалата се нагласени со темни заштитни облоги, кои во комбинација со долните пластични елементи на праговите му даваат малку поробусен изглед. Линијата на прозорците се издигнува кон задниот дел, додека благо изразената линија ги поврзува предниот и задниот дел во една визуелно компактна целина. Задниот дел е обликуван во сличен стил како предницата, со хоризонтално поставени светлосни елементи кои визуелно ја акцентираат ширината на автомобилот со светлосна линија што се протега преку задната врата Целокупниот дизајн е повеќе рационален отколку емотивен, што очигледно е свесен избор на дизајнерите. Од таа причина S5 не се обидува да биде автомобил што сака да привлекува внимание по секоја цена, туку модел со современ изглед кој нема брзо да застари.

Тест MG S5 EV Comfort Long Range 64 kWh Разумна опција на практичната формула

Функционалност и технологија во добро осмислена целина

Напредок во изработката на кабината во однос на предходата електрична СУВ верзија (ZS EV) е повеќе од евидентен. MG очигледно вложил напор да создаде амбиент кој ќе остави впечаток на современ и добро организиран автомобил, а не само на рационално решение, Контролната табла има прегледна архитектура, командите се логично распоредени, а комбинацијата од дигитални елементи и физички прекинувачи овозможува идеален спој на двата спротиставени света. За приказ на основните функции е предвиден прилагодлив 10,25 инчен екран пред возачот, додека инфотејнмент системот е со дијагонала од 12,8 инчи и овозможуваат безжично поврзување со паметните телефони преку ситемите на Android Auto и Apple CarPlay.

Тест MG S5 EV Comfort Long Range 64 kWh Разумна опција на практичната формулаПросторноста е еден од најсилните адути, како на предниот дел така и за оние кои се сместени во вториот ред. Благодарение на солидното меѓуоскино растојание, патниците на задната клупа располагаат со комфор што не би го очекувале од автомобил со вакви надворешни димензии. Багажниот дел нуди капацитет од 453 литри, кој со преклопување на задните седишта се зголемува на 1.441 литри, а приспособливиот под овозможува подобро организирање на багажниот простор. Ако може да се нарече недостаток, тоа е отсуството на дополнителен багажник под предната хауба. Употребените материјали се соодветни на сегментот во кој настапува, а завршната обработка делува прецизно и солидно изведена. Технолошката опременост дополнително ја зацврстува позицијата на моделот. Веќе во стандардниот пакет се вклучени адаптивен темпомат, задни паркинг сензори, автоматска клима и алуминиумски тркала. Посебно корисна е функцијата V2L, преку која може да напојуваат надворешни електрични уреди.

Задниот погон во служба на удобноста

Тестираниот примерок на S5 EV ја поседуваше помоќната батериска и електромоторна опција. Тоа значи дека располага со батерија од 64 kWh и електромотор со 231 КС и влечна сила од 350 Nm. Оваа комбинација му овозможува на возилото забрзување од место до 100 км/ч за 6,3 секунди, додека максималната брзина достигнува 170 км/ч. Батеријата од третата генерација е сместена во подот и е изведена со LFP технологијата која има предност во поглед на издржливоста и подобрата толеранција на редовно полнење на целосниот капацитет. Според циклусот WLTP, автономијата достигнува до 480 километри.

Во реални услови, особено при континуирано возење на автопат, треба да се очекува помала вредност, но сликата се менува во градско возење, затоа кога ќе се искомбинираат излегува дека со полна батерија може да се извозат окулу 400 километри, што се должи на нашиот просек од 15,8 kWh на 100 километри. Полнењето се одвива преку систем од 400 волти, а максималната моќност на DC полнач достигнува 139 kW, што овозможува полнење од 10 до 80 проценти за 28 минути. На домашен полнач, максималната моќност изнесува 6,6 kW и за целосно полна батерија потрбни се околу десет часа. На пат, S5 EV ги открива своите вистински приоритети.

Потпирањето е насочено кон удобноста, а не кон спортската динамика. Оштетениот асфалт во градот и нерамнините на отворен пат се совладуваат релативно смирено, додека задниот погон придонесува за природно чувство при забрзување. Масата од 1,755 кг е забележлива, но не го нарушува генералниот впечаток на стабилност. Во градските услови, тивкиот погон и моментално достапниот вртежен момент овозможуваат лесно и ненаметливо придвижување. На отворен пат, моќната електро единица секогаш располага со доволна резерва за безбедно престигнување и одржување повисоко темпо, дури и со целосно оптоварен автомобил. Во свиоци, пак, не треба да се очекува спортска прецизност. Управувањето и потпирањето се поставени со акцент на комфорот и предвидливоста, што е во согласност со проектираната намена на моделот.

Моделот S5 EV можеби не е највозбудливото електрично возило на пазарот, но тоа не ни неговата намера, тој е кросовер кој убедливо ги исполнува очекувањата на публиката на која цели. Во време кога електрификацијата се уште претставува значителна инвестиција за многу купувачи, токму таа комбинација од просторна и богато опремена кабина, солидни перфоманси и удобно потпирање, спакувани во разумен ценовен пакет може да се покажат како негови најголеми предности.

Цена на тестираниот модел: 32:500 евра

Технички податоци за MG S5 EV Comfort Long Range 64 kWh

 

Мотор

Електричен
Моќност на заден ел.мотор 170 kW (231 КС)
Макс. вртежен момент на заден ел.мотор 350 Nm
Трансмисија На задните тркала преку директен менувач
Потпирање напред Мекферсонови нозе, спирални пружини, стабилизатор; назад Multi-link, спирални пружини, стабилизатор
Сопирачки напред вентилирачки дискови, назад дискови
Пневматици напред  215/60 R17, назад  215/60 R17
Каросерија СУВ со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4,476 х 1,849 х 1,621 мм
меѓуоскино растојание 2,730 мм
траги (напред/назад) 1,554 / 1,561 мм
Тежина 1,755 кг
максимална тежина 2,125 кг
багажен капацитет 453 литри (1,441 со преклопени седишта)
максимална брзина 170 км/ч
забрзување (0-100 км/ч) 6,3 секунди
капацитет на батерија Расположиви 62,1 kWh (бруто 64 kWh)
декларирана просечна потрошувачка на ел.енергија 15,5 kWh/100 km (WLTP)
времетраење на полнење AC 6,6 kW 0-100%: 10:00 ч. DC 139 kW 10-80%: 28 мин.
автономија на движење Декларирани 480 километри (измерена 400 километри)
емисија на CO2 0 г/км

MG S5 EV во Македонија:

MG S5 EV Comfort SR 29.900 евра
MG S5 EV Comfort LR 32.500 евра
MG S5 EV Luxury LR 35.000 евра

Повеќе информации во Гранд Ауто на (02 307 3103) или на www.mgmotor.mk

Конкуренти:

Leapmotor C10 од 29.990 до 37.490 евра
Geely E5 од 32.990 до 32.990 евра
BYD Atto 3 EVO од –.— до –.— евра
Kia EV3  од 37.450 до 44.950 евра

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button