fbpx

ТЕСТ Кia Sportage: Нов „дебел“ влог за светот на кросоверите

Најважниот модел на Kia и секако најпродаваниот модел во Европа стигна до својата четврта генерација

Најважниот модел на Kia и секако најпродаваниот модел во Европа стигна до својата четврта генерација. Новиот Sportage со себе донесува многу новини и подобрувања, на скоро сите полиња, како во дизајнот, така и на технички план, па несомнено експертите не грешат кога го вбројуваат меѓу најсилните адути во сегментот каде припаѓа и кои станува нов мегдан каде производителите допрва ќе бијат битка за секој клиент.

Кia Sportage

Кој можеше да поверува дека еден ден кросоверите ќе бидат сегмент број еден според продажбата на европскиот пазар. Но, имало и такви, кои верувале во ова, го предвиделе овој неверојатен раст во сегментот на SUV изведбите или ако сакате кросоверите, а еден од нив секако е и Питер Шрејер, денес првиот човек на Kia Motors, кој сметаше дека треба многу да се вложува на ова поле.

Тој од генерација во генерација создаваше не само извонредни дизајнерски креации туку инсистираше на многу детали со кои ќе се освојат клиентите, кои поради мошне големата конкуренција, сосема очекувано ќе станат крајно „пребирливи“. Ова Шрејер го сподели и со нас на лансирање на новината во Франкфурт, која за кратко време еве ја и во понуда на нашиот импортер, Киа Моторс Македонија.

По пристигнувањето на македонскиот пазар имавме чест да го испробаме први и можевме во целоста да се увериме дека е навистина подобар и понапреден. А, колку е Sportage популарен меѓу купувачите зборува фактот за 3,5 милиони пласирани единици, со пазарно учество од 10,9%, па како вели првиот човек на компанијата Питер Шрејер, со секој нов модел не ни е дозволена никаква грешка, а посебно со Sportage.

Затоа новата генерација на Sportage мора да биде на самиот врв во сегментот. Досегашниот добро прифатен дизајн послужи како здрава основа, но место за технолошки и технички подобрувања секогаш има доволно. Поради ова сосем очекувано и новото поколение на Sportage е „нацртан“ и развиен во Европа, поточно во центарот во Франкфурт, а се произведува во современите погони во Жилина, во Словачка, која вреди да се спомене дека испорачува скоро половина од возилата на марката наменети за клиенти на Стариот континент.

Дизајнерски Sportage навистина комплетно созреал и сака тоа некој да признае или не, „отскокнува“ од својот претходник. Предниот дел има препознатлива маска, како и преостанатите модели на марката, а се чини вистински знак за распознавање по сé изгледа ќе бидат закосените предни фарови со округли LED дневни светла. Мошне добро се вкомпонирани и светлата за магла. Страниците откриваат колку навистина новиот Sportage е поголем, поточно 40 mm во должина и дополнителни 30 mm во меѓуоскиното растојание.

Исто така се откриваат „набилданите“ бокови, а се чини веќе е неизбежна онаа хромирана рамка на страничните стакла, која сега доби малку пофлуидни форми. Назад се истакнуваат новите стоп светла со LED технологија, со хромирана лајсна која ги спојува, но воедно предизвикува Sportage од оваа перспектива да изгледа поширок и подинамичен.

Благодарение на зголемените пропорции во надворешноста, како и продолженото меѓуоскино растојание, нуди значително повеќе простор и комфор во внатрешноста. Самото возачко опкружување и кокпитот сега се приметливо поквалитетни. Иако, постојано имаме забелешки на оние пластични елементи, наизглед со не толкав квалитет, поради оправдувањата дека тоа е заради рециклажата, сепак факт е дека не доминираат премногу, па генерален впечаток е дека квалитетот на внатрешноста е на повисоко рамниште, а се разбира и завршната обработка.

За пофалба е заротираната централна конзола кон возачот, па самото чувство зад управувачот е подобро. Тука треба да се издвои и паметниот распоред, што го прави патничкиот простор дополнително зголемен. На овој начин има повеќе простор за главата на патниците, за пет милиметри напред и 16 mm позади, а се разбира и за нозете каде тој сооднос е 19 mm спрема 7 mm. На задните седишта сега е и покомотно поради можноста за регулирање на потпирачот за грбот кој може да се постави во седум различни позиции.

Вреди да се напомене дека за задните седишта се користени поинакви технологии и помеки патеријали за изработка, па и затоа се поудобни. Сликата на модерен и практичен кросовер ја надополнува багажникот кој има двојно дно и вкупна зафатнина од 503 литри, што со рамните страници го прават мошне функционален. За комплетен филинг се грижи двозонската клима, а треба да се спомене и 8-инчниот дисплеј на кој ги имате сите потребни информации и функции, а тестниот модел имаше и навигација.

При развојот на новиот Sportage во главниот фокус било и зголемувањето на ефикасноста на агрегатите и перформансите, секој мотор во понудата е во склад со најновите Euro 6 стандарди, а воедно нудат добар спој на динамичност и штедливост. Во принцип станува збор за добро познатите агрегати на компанијата, но крајно подобрени за оваа цел, па таков случај е и со 1.7 турбодизелскиот мотор со 115 KС и 280 Nm, кој беше под хаубата на тестниот модел.

Благодарејќи на солидниот вртежен момент овој мотор воопшто не инертен, знае добро да повлече, но да не претеруваме. За оваа цел овој агрегат доби 20 Nm повеќе вртежен момент, а во атмосферата исфрла 12% помалку штетни гасови. Ова остварување беше во спрега со шестстепен мануелен менувач, кој исто така е модифициран за оваа цел, па до стотка вака спакуваниот Sportage достигнува за 11,5 секунди, а максималната брзина изнесува 176 km/h. Новиот Sportage со себе донесува уште многу важна новина.

Тоа е потполно новиот седумстепен менувач со двојна спојка (DCT), кој е неодамна претставен за потребите на модифицираниот Cee’d. Кај Sportage засега е достапен само кај новиот 1.6 литарски T-GDI мотор, а нуди брза промена на степените на пренос и го истакнува спортскиот карактер на турбо-бензинскиот мотор. Друга новина е потполно новиот пренос на сите четири тркала кои за Kia, моделите Sorento и Sportage, ги разви Magna, a се истакнува со ефикасност и брза распределба на моќта и вртежниот момент.

Sportage пристигнува и со далеку подобрени возни својства, со значително подобрена звучна изолација и конструкција. Со употребата на нови поквалитетни материјали и нова технологија на спојување на елементите Sportage е сега за 39% поцврст и поотпорен на торзија. Ова заедно со новата конструкција на потпирањето и оските придонесе и за поголема крутост и цврстина на самиот кросовер. Дополнителните пенести додатоци, изолацијата на покривот и просторот, како и подебелото ветробранско стакло, придонесуваат за извонредна заштита од бучавост во кабината, па на раат можевме да ги почуствуваме вредностите на JBL аудио составот.

Кон ова секако треба да ги додадеме и технологиите кои ја зголемуваат безбедноста и пакетот помошни системи: ESC-систем за контрола на стабилизација на возилото со вклучени: EBD-ABS-контрола на силата на сопирање и спречување на блокирање на тркалата при ненадејно сопирање, CBC- контрола на сопирање во свиоци , TCS-контрола на пролизгување на тркалата, ESS-уред за вклучување на сите трепкачи при ненадејно сопирање, DBC-контрола на сопирање при спуштање на стрмна надолнина, HAC-помош при тргнување на нагорнина, VSM-систем за стабилизација на возилото, TPMS-контрола на притисок во пневматиците…

Kia во Европа има сериозни планови, за оваа година планира да продаде над 400.000 автомобили, а сосем јасно е дека новиот Sportage се очекува да биде носител на тие големи амбиции. Секако, за нашиот пазар бројките се скромни, но и кај нас се очекува ова да биде носечки модел како за импортерот, така и за сегментот воошто. Цената на вака понудениот модел со оние додатоци кои ги споменавме чини 23.840 евра.

Технички податоци за Кia Sportage 1.7 CRdi 115 KС

 

мотор
Euro 6, дизел, четиритактен, четирицилиндричен, водено ладен, сместен напред напречно
работна зафатнина
1.685 cm3
пречник и од
77,2×90,0 mm
степен на компресија
17,0:1
напојување
две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, common rail директно вбризгување на горивото, турбо компресор со променлива геометрија, интеркулер
максимална силина
115 KС (82 kW) при 4.000 min-1
макс. вртежен момент
280 Nm при 2.000-2.500 min-1
трансмисија
на предните тркала преку шестстепен мануелен менувач
потпирање
напред мекферсонови нозе, попречни рамења, стабилизатор, гасни амортизери, назад мултилинк, спирални пружини, гасни амортизери
сопирачки
напред и назад дискови, ABS, ESC со вклучени BAS, CBC, TCS, DBC, HAC, VSM
пневматици
225/60 R17
каросерија
кросовер со четири врати, пет седишта
должина х ширина х висина
4.480×1.855×1.6455 mm
меѓуоскино растојание
2.670 mm
траги (напред/назад)
1.613/1.591 mm
тежина
1.425 kg
максимална тежина
2.000 kg
приколка со сопирачки
1.300 kg
багажник
503 dm3
резервоар
62 литри
максимална брзина
176 km/h
забрзување 0-100 km/h
11,5 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек)
4,2/5,2/4,7 l/100 km
емисија на CO2
124 g/km

Кia Sportage Kia во Македонија

1.6 GDi D-CVVT 6МТ 2WD EXPERIENCE
18.550
2.0 GDi D-CVVT 6МТ AWD ADVANCE
24.250
1.7 CRDi VGT 6МТ 2WD EXPERIENCE
20.990
2.0 CRDi VGT 6 МТ AWD ADVANCE
26.950
2.0 CRDi VGT 6 МТ AWD DISTINCTIVE
33.950

Повеќе информации: Киа Моторс Македонија, тел.: 02/2580-300

Поврзани вести

Back to top button