fbpx

Инцидент за Довициозо, Педроса и Лоренцо, па Маркез прв

Бранителот на титулата во MotoGP, Марк Маркез на Honda победи на трката за Гран При на Шпанија на патеката Херез - Анхел Нието, откако неговите тројца главни конкуренти Андреа Довициозо (Ducati), Дани Педроса (Honda) и Хорхе Лоренцо (Ducati) паднаа на осум круга пред целта

Нивниот инцидент, за жал, освен Маркез, го искористија Јоан Зарко на сателитската Yamaha и Андреа Ианоне со Suzuki и се искачија на подиумот на втората и третата позиција. Несреќата во трката го промени значително и моменталниот предок во генералниот пласман во MotoGP, па по овој четврти круг од почетокот на сезоната 2018, лидер е Маркез со 70 поени, следен од Зарко со заостанување за 12 и Виналес со 20 поени.

MotoGP

Веднаш по стартот Хорхе Лоренцо, кој започна како четврти по квалификациите, ја поведе колоната, следен од Дани Педроса и Јоан Зарко. Освојувачот на пол позицијата Кал Крачлоу падна на четвртото место. Уште во втората рунда Маркез успеа да ги мине Крачлоу и Зарко, а во почетокот на следната и Педроса. Во четвртиот круг Довициозо веќе напредуваше до шеста позиција.

Во рамките на само пет круга Зарко изгуби пет места и од второ се најде на седмото место. Во седмиот круг Крачлоу претрпе несреќа на свиокот број 1, што беше бонус за Довициозо кој стигна до четвртата позиција. По два круга Маркез за првпат го презеде водството од Лоренцо. Секунда подоцна Довициозо го мина Педроса и излезе трети зад клупскиот колега Лоренцо.

Двајцата пилоти на Ducati почнаа сопствена битка, а Лоренцо не се „даваше“. Во 13-от круг во свиокот број еден падна и дебитантот Томас Лути, а на следното вртење Маркес за малку го „испушти моторот“ на истото место и беше на влакно од тоа да ја доживее истата судбина, но успеа да се спаси со неверојатен маневар.

MotoGP

На осум кругови пред крајот дојде и најдраматични момент во трката. Довициозо се обиде да го стигне Лоренцо, но направи грешка и наместо тоа го пропушти пред себе Педроса. При излегувањето од свиокот Лоренцо се удри во Педроса, а Довициозо не успеа да го избегне ударот во нив двајцата. Никој од пилотите не настрада од инцидентот, натпреварувачката комисија ја разгледа ситуацијата и одлучи дека никој од натпреварувачите нема да добие казна, бидејки сепак тоа било во жар на борбата.

MotoGP

Несреќата му овозможи на Маркез предност од над седум секунди во последните кругови и без никакви ризици тој триумфираше по втор пат сезонава, по успехот во Тексас. Гран При на Шпанија повторно донесе големи проблеми за тимот на Yamaha. Валентино Роси заврши петти, но само благодарение на сите инциденти. Маверик Виналес се движеше надвор од топ 10 за поголемиот дел од трката, но сепак успеа да заврши седми.

MotoGP

Во 13-от круг целата публика на трибините на шпанската патека Херез станаа на нозе и ракоплескаа на 13-кратниот шампион Анхел Нието, кој почина минатата година во сообраќајна несреќа со АТВ. Од овој викенд патеката веќе го носи официјалното име Херез – Анхел Нието!

MotoGP

Поврзани вести

Back to top button