Volkswagen го пропушта салонот во Париз
Volkswagen нема да учествува во автомобилскиот саем во Париз оваа есен, се обрати официјално германската марка со соопштение до медиумите
По избувнувањето на глобалниот скандал Дизелгејт, во септември 2015, Volkswagen сериозно го ограничи присуството на големите традиционални автомобилски салони, како Детроит, Франкфурт, Женева… Една oд причините за ова е заштеда на средства кои се потребни за санирање на последиците од Дизелгејт, која чини милијарди долари, а другата е дека автомобилските марки сé повеќе се ориентираат кон различни настапи, како CES во Лас Вегас на пример, Пекинг…
Сега наместо да учествува со свој штанд во француската престолнина на 2 и 3 октомври, VW објави дека планира различни „комуникациски активности” во француската метропола. Неодамна Audi најави дека ќе го пропушти и салонот во Детроит во јануари, каде оваа година VW Group забележа доста ограничено присуство, но сепак ќе биде дел од збиднувањата во Париз.