Германски пензионер на СП во фудбал со трактор
Германскиот пензионер, Хјуберт Вирт, ќе биде една од ѕвездите на претстојниот руски фудбалски шампионат во Русија, без да одигра минута на турнирот?!
Господин Вирт тргна на 15 мај од градот во кој живее, од Форгхајм, со својот трактор Lanz Bulldog, произведен во 1936 година и ако се е во ред до финалната фаза од неговото патување, ќе стигне навреме во Москва за отворањето на светското првенство.
Според најновите податоци од руските медиуми, кои го следат патувањето на Вирт, тој сега е на белоруска територија. На 4 јуни пензионерот ја мина границата меѓу Полска и Белорусија и се упати да бара помирни селски патишта, бидејќи брзината му е пониска од онаа на автомобилите во сообраќајот – тој се движи со 15-20 km/h и на ден минува нешто повеќе од 100 километри.
Интересна е и приколката на Хер Вирт, која тој ја влече со тракторот и каде спие за време на ноќните паузи, бидејќи таа е во форма на буре за вино, а во неа има бања, кревет, маса и дури скромна кујна. Плановите на германскиот пензионер вклучуваат посета на Москва, а потоа тој ќе патува со трактор до Санкт Петербург, оттаму ќе се качи на ферибот за Финска, а последниот дел од патувањето ќе е со брод до Германија, а тоа треба да се реализира на почетокот во јули.