fbpx

ТЕСТ Jaguar XF: „Мачка“ за оние со стил

Новата генерација на моделот XF за кратко време освои многу престижни признанија за својот дизајн, специфичната конструкција, стајлингот

Новата генерација на моделот XF за кратко време освои многу престижни признанија за својот дизајн, специфичната конструкција, стајлингот.., но онаа дека ова возило им прилега во целост на врвните менаџери и деловни луѓе, зборува најмногу за најновото остварување на британскиот бренд во овој сегмент. Едноставно во оваа категорија не смее што се вели „влакно да фали“. Рака на срце, оние што го направиле овој избор биле сосема во право!

XF

Шефот за дизајн на Jaguar, Јан Калум, без ни малку скромност тврди дека новата генерација на моделот XF е најатрактивниот автомобил во класата. Секако на оваа веднаш реагираа германските експерти за стајлинг, со свои коментари, што е и сосема разбирливо, бидејќи Audi A6, BMW 5 и Mercedes E класа добија навистина силен конкурент.

Многу пати сме напоменале дека за вкусовите е непожелно да се дискутира, но ако ние судиме за изведбата која ни беше на располагање, секако Јан Калум е во право. Ова е еден, барем што се однесува до дизајнот, сосема нов автомобил под знакот на „мачката“, но би додале и експлицитен и по многу други поединости, по неговата поцврста и далеку полесна конструкција, имплементираните високи технологии, палета на беспрекорно чисти и со врвни перформанси мотори…

Сето она што е потребно за еден врвен деловен автомобил кој преферира висока позиција во премиум друштвото. За сите детали се уверивме во целост управувајќи еден претставник од гамата, благодарејќи на соработката со македонскиот импортер Премиум Ауто Центрум, со дизелски агрегат од 2.0 литри, моќ од 180 КС и ниво на опременост Prestige.

Една од најважните новини која со себе ја донесува второто поколение на моделот e сосема новата конструкција направена дури 75% од алуминиум. Овие три четвртини на шасијата од лесниот материјал придонесуваат за 190 килограми полесна вкупна тежина на автомобилот и цврстина на каросеријата зголемена за 28%. Самата алуминиумска легура се состои од висококвалитетен рециклиран метал, за кој се користи 95% помалку енергија во споредба со примарниот алуминиум, па затоа уште повеќе го намалува влијанието на XF врз животната средина.

Со ваквите вредности, Jaguar успеал XF значително да го прилагоди на денешните трендови, иако автомобилот што се однесува до димензиите не претрпе кој знае какви промени. Впрочем, новиот Jaguar XF е дури пократок за седум и понизок за три милиметри. Но, затоа поголемо е меѓуоскиното растојание за пет сантиметри, што секако е гаранција за поголем комфор во внатрешноста.

Со вакво растојание меѓу оските од скоро три метри, новата генерација на XF директно се спротиставува на најдобрите во премиум сегментот, вклучувајќи го и Maserati Ghibli. Ова е гледано од експертска анализа навистина за почит, а не смее да се заборави и на фактот дека промените на димензиите воопшто не им попречија на дизајнерите да креираат далеку поаеродинамичен облик официјално коефициентот на отпор на воздухот е 0,26.

Секој детаљ од формата на целосно новиот XF е оптимизиран за аеродинамичната ефикасност. Од интегрираната форма на предниот браник до елегантно продолжениот нагоре, капак на багажникот, секој елемент работи во единство со останатите за намалување на воздушниот отпор при повисоки брзини.

Предните Xenon светла со LED дневна технологија и специфичната решеткаста трендовска маска, како и големите отвори за воздух го карактеризираат предниот дел. Купеовскиот стајлинг на целосно новиот XF комбинира силна визуелна архитектура и голема застаклена површина, за да го засили чувството на воздух и простор во внатрешноста, а за дополнителна визуелизација во верзијата што ја управувавме тука беа 18 инчните фелни. Еден од многуте истакнати финални ефекти на новиот XF се задните LED светла со лентовидна графика, инспирирани од F-TYPE, со двоен кружен елемент скратени по средината.

Внатре новиот XF нуди извонреден избор на луксузни елементи и изобилство од простор. Интелигентниот дизајн и современата изработка создаваат луксузна и удобна средина. Со идеална кореографија се отвараат доводите за воздух, брзините за избираат преку режимите на JaguarDrive. Стартот е преку копче, се сé задвижува непречено, моторот `ржи – едноставно ве привлекува да стиснете на педалот на гас и тргнете во посакуваната насока.

Командниот центар на системот InControl со екран на допир од 10,2 инчи обезбедува различни функции, наменети да се направи доживувањето зад управувачот пефикасно, но и позабавно, со подобра поврзаност, а се разбира и побезбедно. Внатрешните LED светла и оние за читање обезбедуваат јасно персонализирано осветлување. Доколку изберете дополнително амбиентно осветлување низ целото купе се нагласува елегантниот ентериер на XF.

Целосно новиот XF е најдобар во класата што се однесува до местото за колената на патниците на задните седишта, како и за главата, нудејќи повеќе простор и комфор. На крајот секако треба да се спомене и багажниот простор чиј волумен е 540 литри.

Новата агрегатска Ingenium понуда со ниска CO2 стратегија на погонскиот состав, проектирана да постави врвен баланс во однос на ефикасноста на горивото, префинетоста и перформансите е дел и од XF гамата. Под капакот на тестниот модел чукаше 2.0 четирицилиндерскиот дизелски агрегат со моќ од од 180 КС. Чистото согорување, променливото време на работа на издувните вентили и софистициран емисија на гасови, осигуруваат третман во склад со Euro 6 стандардите.

Располага со малку поголем вртежен момент од 430 Nm и покажува малку поголема агресивност во однос на нив. Работи мошне тивко, без оној специфичен резок дизелски звук, лесната слабост под 1.500 вртежи во минута речиси целосно се компензира со прецизната работа на автоматската трансмисија со хидрауличен конвертор на вртежниот момент. Во случајот станува збор за врвен ZF 8 HP.

Неверојатно, но оваа „мачка“ и покрај агресивноста е мошне економична, што е уште еден силен атрибут за новата палета дизелски агрегати. Нам на тестот ни покажа дека троши во просек 6,2 литри, што секако е над декларираните, но сосем за почит. Ако напоменеме дека ова навистина е еден од „најчистите“ агрегати со само 114 грама на километар СО2, тогаш сме кажале многу за моторот.

Дека ова е еден од најбезбедните автомобили во сегментот потврдија и од Еuro NCAP не само поради својата конструкција, туку и пакетот системи кои ги има веќе во стандардната опрема. Уникатниот систем All Surface Progress Control (ASPC) на Jaguar им обезбедува на возачите на XF дополнителна сигурност при лизгав коловоз, без разлика дали сте на снежна, подмрзната или влажна подлога.

Системот ASPC претставува автопилот за ниски брзини, кој му помага на XF да се справи со ситуации на слабо прилепување при секакви временски услови и им овозможува на возачите да се фокусираат на управувањето на возилото. Технологијата на Jaguar за препознавање на сообраќајните знаци (TSR) користи високо прецизна, насочена напред камера која открива ограничувањата на брзината и знаците за забрана на престигнување, а потоа ги прикажува за возачот.

XF е стандардно опремен со систем за предупредување за напуштање на лентата, која издава предупредувачки сигнали во случај возилото ненамерно да ја напушти истата. Во прилог на ова е достапна иновативна технологија – асистент за придржување во лентата (LKA) и следење на состојбата на возачот (DCM).

Основата на беспрекорното возење, управување и динамика на целосно новиот XF се крие во претежно алуминиумска конструкција на Jaguar. Таа помага за речиси совршен баланс 50:50 и обезбедува пргаво и прецизно управување. Цврстите и лесни алуминиумски компоненти во системите на предното и задното потпирање, му помагаат на XF да реагира правовремено во секоја ситуација.

Системот за погон на сите тркала (AWD) на целосно новиот XF обезбедува самоуверено управување на секакви површини. Водечка во класата технологија кај моторите кои обезбедуваат намалување на тежината и ја зголемуваат ефикасноста во споредба со претходниот XF. Системот го користи најновиот софтвер на Jaguar -интелигентна динамика на погон за да ги следи условите на возење до 100 пати во секунда, гарантирајќи точни нивоа на преден и заден вртежен момент. Ова им помага на целосно новиот XF да одржува совршена рамнотежа и обезбедува максимална контрола при тешки услови.

Цената на вака спакуваната „мачка“ во Премиум Ауто Центрум е 63.910 евра, но се разбира имате многу можности за дополнување на опремата.

Технички податоци за Jaguar XF 2.0 i4D AТ Prestige

мотор Euro VI, дизел, четиритактен, четирицилиндерски,водено ладен, сместен напред напречно
работна зафатнина 1.999 cm3
пречник и од 83,0×92,4 mm
степен на компресија 15,5:1
напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со променливи фази на работа, директно вбризгување со Common-rail систем и  интеркулер
максимална моќ 180 KС (132 kW) при 4.000 min-1
макс. вртежен момент 430 Nm при 1.750-2.500 min-1
трансмисија на задните тркала преку осумстепен менувач
потпирање напред мекферсонови нозе, попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк оска, спирални пружини, стабилизатор
сопирачки напред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, BAS, VSC
пневматици 225/45 R18
каросерија седан со четири врати, пет седишта
димензии 4.954×1.987×1.457 mm
меѓуоскино растојание 2.960 mm
траги (напред/назад) 1.605/1.594 mm
тежина 1.595 kg
максимална тежина 2.250 kg
багажник 540 dm3
резервоар 56 литри
максимална брзина 229 km/h
забрзување 0-100 km/h 8,1 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек) 3,8/5,2/4,3 l/100 km
емисија на CO2 114 g/km

Jaguar XF во Македонија

2.0L i4D Auto Prestige 59.196
2.0L i4D Auto R-Sport 61.612
2.0L GTDi Auto R-Sport 65.543
3.0L TDV6 Auto Prestige 74.791

Повеќе информации во Премиум Ауто Зентрум тел. 02/ 61 59 800

Поврзани вести

Back to top button