Светското производство на автомобили се намалува
Во првиот квартал од годинавa произведени се 18,4 милиони автомобили во светот, според податоците објавени од Меѓународната организација на автомобилски производители (OICA)
Во споредба со истиот период во 2017, глобалниот обем на производството се намалил за 1,3%. Земја во која се произведуваат најмногу автомобили останува Кина, каде што се составени 5.968.919 единици во првите три месеци од 2018 година. На тој начин најбројната земја во светот забележа пад на ова поле од 2,3% во споредба со истиот период минатата година.
На второ место е Јапонија, каде што се произведени 2.192.402 автомобили, што претставува намалување од само 0,4%. Најдобрите три земји по производство на возила на планетава ги надополнува Германија, чиј вкупен резултат е намален за 5,7% во однос на лани, или 1.427.979 возила. Четвртата позиција е за Индија, која сепак бележи позитива, го зголеми производството за 6%, односно 1.073.349 единици. Јужна Кореја е петта со вкупно 876.997 автомобили, или пад од 6,8%.