fbpx

ТЕСТ Mazda MX-5: Кралица меѓу родстерите

Многумина се прашуваат зошто ова е најпосакуваниот модел во својот сегмент, но кога ќе ја пробате новата МХ-5, многу работи ви стануваат јасни

Многумина се прашуваат зошто ова е најпосакуваниот модел во својот сегмент, но кога ќе ја пробате новата МХ-5, многу работи ви стануваат јасни. Четвртото поколение на ова јапонско чудо е вистински микс на минатото со сегашноста, има многу повеќе допирни точки со првата и втората, отколку со третата на која како да и недостасуваше повеќе слобода и разиграност. Да се сублимира сето тоа од минатото и да се спакува во склад со современите трендови, рака на срце е вистинска умешност. Затоа Mazda MX-5 e eдна и единствена!

Mazda Motor Corporation неодамна објави дека производството на легендарниот модел MX-5 достигна милион единици, 27 години по почетокот на составувањето на автомобилот во Хирошима. Оригиналната верзија на Mazda MX-5 дебитираше за време на меѓународниот салон во Чикаго во 1989 година, а втората генерација е прикажана во Токио, во 1997. Во мај 2000 година, моделот влезе во Гинисовата книга на рекорди за најдобро продаван двосед спортски автомобил со 531.890 произведени единици. Третата генерација на автомобилот станува реалност во март 2005 година, а во јуни 2007 е составен претставник со реден број 800.000. Производството ја достигна границата од 900.000 примероци во февруари 2011, а на ред е четвртата генерација која ја доби ознаката ND. Случајно или не, благодарение на соработката со импортерот за Mazda, Стар Моторс, добивме на управување еден претставник на иконата од последното остварување со мотор од 2.0 литри со 160 КС и највисоко ниво на опрема Ultimate.

Новите форми ја приближуваат можеби „петката“ до Toyotа GT86 и Subaru BRZ, како и новиот Jaguar F-Type, но сепак кога едноставно ќе застанете пред неа асоцијацијата е: Mazda MX-5. Токму овде се крие мајсторството на јапонските дизајнери, оваа изведба, според нас, има многу повеќе допирни точки со втората генерација, отколку со третата на која како да и недостасуваше повеќе слобода и разиграност. Новата MX-5 е пониска за два, пократка за 10,5 cm, а во широчина порасна за 1 cm, што се мерки кои во милиметар се поклопуваат со првата генерација. Да се сублимира сето тоа од минатото и да се спакува во склад со современите трендови, рака на срце е вистинска умешност. Затоа Mazda MX-5 e eдна и единствена! Што се однесува до предниот дел треба да се спомене дека и оваа изведба ја следи KODO филозофијата (Soul of Motion). Посебно треба да се обрне внимание на новата хауба, со специфична форма. Овој елемент го прави автомобилот посебен, што е некако дел од креативноста на Маздините дизајнери, не само кај овој модел, па родстерот изгледа како да е постојано во движење и додека е во мирување. Навистина необичен филинг, што секако го одвојува од конкуренцијата. Особено не воодушевија предните светла, мошне агресивни, танки и впечатливи, со мала LED завршница која го нагласува на свој начин спортскиот дух. Светлосниот состав го завршуваат вертикално поставените LED магленки во долниот дел на браникот. Кога сме кај дизајнот најважен дел за ваквиот вид модели секогаш е задницата. Тој дел секогаш бил кај „петката“ некако секси дизајниран, а кај последната генерација е нагласен со бочна линија, со акцент на специфичната форма на светлата и мошне високиот браник кој доаѓа до капакот на минијатурниот багажник.

Дизајнерите навистина се потрудиле и во ентериерот, а од поединостите кои ни оставија внимание ги издвојуваме комбинацијата на внатрешниот дел од вратите со апликации во боја на каросеријата, средишниот дел каде има изненадувачки доволно простор за рацете, одлично скроените Recaro седишта… Инструмент плочата е исто така во ретро дизајн со три кружни елементи, брзинометар, покажувач на бројот на вртежите и мерачи за течностите во автомобилот и ред други индикатори, кои навистина потсетуваат на минатото од автоиндустријата и некако даваат спортски „шмек“. За потполн филинг тука е графиката и бројките. Управувачот е исто така добро дизајниран, мултифункционален и директен. Во склад на ова е и централната конзола и отворите за вентилација, кои потсетуваат на старата MX-5, но со потполно нов модерен стајлинг. Во овој дел се и командите од Маздиниот MZD Connect infotainment состав, превземен од последната генерација на Mazdа 6. Станува збор за еден од најдобрите милтимедиумски состави со голем број можности со екран од 7 инчи чуствителен на допир (wireless, Bluetooth…), а аудио системот е Bose. Седењето е ниско и седиштата се некако поставени да сè функционира во склад со тоа дали возите со отворен или затворен покрив. Што се однесува до седиштата тие се навистина многу удобни, а имаат и странично потпирање и се е направено во еден дел и обложени се со кожа. Багажникот е конструиран како и кај многу други родстери, за неколку мали торби, но тоа е сосем реално ако се знае за тоа каков автомобил е пред вас, односно дека е искористен простор за скопување на покривот. Кога сме кај него треба да истакнеме дека и кај оваа изведба нема никави сервомеханизми, тој е едноставен, мошне ефикасен рачен состав кој не бара ни да излезете од автомобилот.

Со отворање на хаубата не дочека атмосферски 2.0 литарски агрегат со четири цилиндри, надолжно поставен, малку навнатре за да се задржи идеалниот размер на масата – 50:50, како и ниското тежиште. Стартот е преку копче и оние 160 коњи знаат добро да забревтаат со мал потисок на педалата за гас и да го заскокоткаат адреналинот. Врвната SkyActiv технологија е за прв пат во една ваква изведба, со погон на задните тркла и со тежина нешто над 1.000 килограми. Суперлесната нова изведба секако многу значи за подобрување на перформансите. Забрзувањето до стотка е за само 7,3 секунди, а крајната брзина 214 km/h. Потрошувачката според декларираното во просек 6,6 литри на 100 километри, а нам сепак со желба да извадиме максимум од автомобилот, мерењата ни покажуваа над 8 литри. Со оглед на тоа што овде е совршено вклопена SkyActiv технологијата, треба да се напомене дека не се ни посомневавме во вредностите на крајно прецизниот шестстепен мануелен менувач. Шалта беспрекорно и само го надополнува чуството дека „под вас“ е добро набилдан спортски двосед.

Новата платформа, подобрената конструкција и потпирањето си го чинат своето. Умешно се пробивате низ градските метежи, а ги впива свиоците како од шега, без никакви поскокнувања или пролизгувања, за што секако се грижи цел пакет од безбедности и помошни системи. Родстерот ги голта километрите и ве предизвикува на свој начин, особено кога и ветерот ќе ви ја разбранува косата. Новата MX-5 навистина изгледа посебно, делува поагресивно и некако поотмено, особено кога е „напукана“ со опрема каква што ни е ја имавме во тестниот модел, па можете да уживате во сите благодети што ги нуди еден ваков родстер. Несомнено затоа ова е најкупуваниот модел во својот сегмент, а дека е навистина топ нема да ве засрами ни најмалку да ја паркирате покрај еден Jaguar, Aston Martin, Porsche… и многу други статусни изведби. За вака спакуваната изведба треба да издвоите 34.930 евра, но тоа и не е баш многу во однос на ѕверките кои ги набројавме?!

ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ:

Мотор Euro VI, бензински, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред напречно
работна зафатнина 1.998cm3
пречник и од 83,5×91,2 mm
степен на компресија 13,0:1
напојување две брегасти оска во главата, четири вентили по цилиндар, вбризгување на горивото во повеќе точки Skyactiv G, променливо отворање на вентилите
максимална моќ 160 KС (118 kW) при 6.000 min-1
макс. вртежен момент 200 Nm при 4.600 min-1
трансмисија на задните тркала преку шестстепен мануелен менувач
потпирање напред McPherson, попречни рамења, стабилизатор, назад повеќеделна оска, телескопски амортизери, спирални пружини, стабилизатор
сопирачки напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, BAS,ЕЅР
пневматици 225/60 R17
каросерија кабриолет, две седишта
должина х ширина х висина 3.915×1.735×1.230 mm
меѓуоскино растојание 2.310 mm
траги (напред/назад) 1.495/1.505 mm
тежина 1.000 kg
максимална тежина 1.260 kg
багажник 130 dm3
резервоар 45 литри
максимална брзина 214 km/h
забрзување 7,3 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек) 5,5/9,3/6,9 l/100 km
емисија на CO2 161 g/km

Поврзани вести

Back to top button