fbpx

BMW 218d Active Tourer: Три во едно!

Новиот адут на BMW, Серија 2 Active Tourer е баварски пионер во три сегменти: прва моноволуменска изведба, прв модел со погон на предните тркала и прв во кој се нуди трицилиндерскиот агрегат од 1.5 литри, во бензинска верзија со 136 КС во 216i и во дизелска со 116 КС во 218d

Новиот адут на BMW, Серија 2 Active Tourer е баварски пионер во три сегменти: прва моноволуменска изведба, прв модел со погон на предните тркала и прв во кој се нуди трицилиндерскиот агрегат од 1.5 литри, во бензинска верзија со 136 КС во 216i и во дизелска со 116 КС во 218d.

Многумина за оваа новина велат дека е „противотров“ за Mercedes B-класа, бидејки со пропорциите е многу близу до конкурентот, а и посебните вредности му се моноволуменски: комфор и функционалност во микс со динамичност и задоволство при управувањето.

Кога блесна ова остварување на светската автомобилска сцена следеа различни коментари на адреса на баварскиот гигант, дали му е потребно вакво нешто на BMW? Што е со моноволуменскиот пристап, зошто преден погон, па зарем 1.5 литарски трицилиндерски мотор може да ги задоволи апетитите на еден фан на спортски и брутални изведби? Во BMW имаше одговор за сé, потсетувајќи дека согласно современите трендови и компанијата од Минхен мора да прифати некои нови правци кои се неминовност за што подобар пласман на пазарот. Раководството од Минхен не погреши воопшто, лансираше нешто ново, за кое со неверојатна динамичност од ден во ден се зголемува заинтересираноста. Благодарејки на M Kaр и ние можевме да се увериме во можностите и сé она што со себе го донесува ова остварување, управувајќи еден претставник од палетата со ознака 218d со 150 КЅ.

Да се ставиме во улога на BMW и да одговориме, се разбира според наше мислење, дали е ова вистински автомобил со индикатори на марката, би потврдиле, -да! Иако, дизајнот е многу поблизок до критериумите на еден моноволумен, се разбира несвојствено за производителот, со акцент на функционалност и аеродинамичност, не може никој да ни противречи ако кажеме атрактивен, а со оглед и на пакетот на опрема што го имавме во тестното издание, па и спортски. Што се однесува до погонот, BMW искуството со оваа технологија го „пегла“ од 2001 година, кога го презеде Mini. Како и многу поединости и овде Германците не оставиле ништо на случајност и импровизација, се разбира согласно нивниот пристап, па сé е „скоцкано“ првокласно, како да Баварците со децении да работеле на ова. Нема сомневање, а и најдобрите експерти од фелата тврдат дека оваа концепција обезбедува поголема искористеност на простор и функционалност, кои веќе напоменавме се важните компоненти за еден модел со MPV форма. Најважното е дека на свој начин се доловени традиционалните вредности и дух на брендот.

Инаку што се однесува до дизајнот, творецот на оваа креација е дело на Домагој Џукец, по потекло од Хрватска, кој навистина успеал да ги имплементира сите поединости на трендот што го диктира брендот во слад со моноволуменските стандарди. Па така и овој модел ги донесува со себе типичните карактеристики и особености за марката BMW: двојни предни светла, кратко предно и задно испапчување, долго меѓуоскино растојание, задни светла во „L“ форма… Веднаш се приметува дека има повисока каросерија, со специфична силуета на која доминираат големите врати. Кога сме кај големината не треба да се заборави дека челниците во Минхен се презадоволни од делото на Џукец, кој ја скрои и верзијата Grand Tourer, продолжена на 4.550 mm (+21 cm), со меѓуоскино растојание од 2.780 mm (+11 cm) и багажник напумпан до 645/1.905 литри. Варијанта е наменета повеќе за деловни обврски, мошне прифатена од германските такси компании, но и од пазарите како што се Кина и САД.

Истиот пристап, кога е во прашање дизајнерскиот јазик е вметнат и во внатрешноста. Задржан е традиционалниот стил на кокпитот- чист, функционален и крајно ергономичен. Комфорот е комплетно застапен, како напред, така и на задните седишта. Сликата за уверлив компатен моноволумен ја заокружува багажникот од 468 литри и со соборување на задната клупа до 1.510 литри. Графиката на инструментите е во склад на далеку повисоките верзии од гамата, управувачот конкретен, менувачот прецизен и со краток од, би додале по малку и спортски.

Седењето во однос на асфалтот е малку повисоко, но не и во однос на подот, па нема разлика во однос на лимузинските изведби. Како поединости кои го зголемуваат комфорот треба да се напоменат оние што беа дел од Sport пакетот, како што се спортските седишта за возачот и совозачот со контрасни рабови, LED осветлување во вратите, а за комплетна атмосфера тука е мултимедијалниот систем со 6,5-инчен екран и USB, AUX IN, Apple iPod, Bluetooth приклучоци.

Дизелската понуда ја отвора моделот 216d со новиот трицилиндерски агрегат, а ние на располагање ја имавме верзијата 218d со 150 KС и 330 Nm. Овој, ако така можеме да го наречеме поради моќта, „среден дизел“, според нас е вистинска мерка за оние кои посакуваат ваков автомобил, а и малку да возат BMW-овски, посилен старт, да „шкрипнат“ гумите,.. Да, да, се работи за дизелска изведба па оние 150 коњи навистина знаат добро да повлечат! Во континутет, дизелот работи доста мирно, моќта ја распределува рамномерно, што секако е заслуга и на восокиот вртежен момент и како што напоменавме на 1.300 вртежи во минута работи синхронизирано, над 2.500 „покажува заби“, а турбо дупки практично и да нема. Турбодизелскиот мотор со 1.995 cm3, серија N47, кој во BMW е во програма од 2007, модифициран за оваа цел, се произведува во верзии со 116 и 218 KС, па оваа „средната“ со 150 КС е навистина одличен баланс, извонредна опција. Треба да се појасни ознаката TwinPower Turbo, бидејќи многумина сметаат дека има две турбини, но всушност има само една. Овде е во прашање всушност сосем модерна технологија, која веќе потенциравме во спрега со добро позиционираниот менувач се грижи за многу ниска потрошувачка и емисија на штетни гасови, што не е пракса со слични дизелски остварувања со иста моќ. Нам борд компјутерот при тестот во просек ни покажа 6,2 литри, но рака на срце воопшто не го штедевме, па е далеку од декларираните 4,1, но сосема солидно. Дури би рекле изненадувачки добро во споредба со конкурентите, а и клиентелата за која е наменет.

Веќе потенциравме дека за традиционалните возачи на BMW кои се навикнале на заден погон ова е малку чудно, но со оглед на навистина извонредото ново решение, веднаш се навикнувате на оваа концепција. Неодамна во нашата редакција на тест беше обновената „Единица“ која ја нарековме „последниот Мохиканец“, бидејќи е последна варијанта на овој модел со погон на задните тркала, па имавме извонредна прилика да направиме компарација. Искуствата од Mini, посебно во верзиите Clubman и Countryman, се очигледно добро имплементирани, па веќе при првите свиоци се чуствува дека во BMW 2 Active Tourer тие разлики се добро испеглани. Лежењето, управливоста, премините.., според моноволуменски критериуми, навистина извонредни. Воодушевува компактноста и прецизноста и во најекстремни режими на управување. Свој придонес за ова има секако и аеродинамичноста (0,26), но и потпирањето кое е направено за моноволуменските потреби. Постигнат е вистински размер меѓу стабилноста и удобноста, а свој удел во ова секако имаат и оние 17-инчни фелни кои многумина сметаат дека се добра шминка.

Што се однесува до безбедноста е едно од најсигурните во својот сегмент, а би ги издвоиле системите Dynamic Stability Control (DSC) за динамичка контрола на стабилноста со состав за динамичка контрола на тракцијата (DTC) Dynamic Traction Control, како и (ABS) Antilock Brake System за спречување на блокирање на тркалата при нагли сопирања преку регулирање на притисокот во сопирачките.

Тестниот модел што го имавме на управување како дополнителна опрема имаше и камера со заден приказ, сензори за паркирање назад, светла за магла, сензор за дожд, автоматска двозонска клима, темпомат, LED фарови со повеќе содржини, како и Sport пакет, па се разбира сето ова ја зголемува и цената која изнесува 39.063 евра.

Технички податоци за BMW 218d Active Tourer

мотор Euro VI, дизел, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.995 cm3
пречник и од 84,0 x 90,1mm
степен на компресија 16,5:1
напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, common rail директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
максимална силина 150 KС (110 kW) при 4.000 min-1
максимален вртежен момент 330 Nm при 1.750-2.250 min-1
трансмисија на предните тркала преку 6-степен менувач
потпирање напред Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери
сопирачки напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
пневматици 205/55 R17
каросерија моноволумен со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.342 x 1.800 x 1.586 mm
меѓуоскино растојание 2.670 mm
траги (напред/назад) 1.545/1.579 mm
тежина 1.460 kg
максимална тежина 1.982 kg
приколка со сопирачки /
багажник 468/1.510dm3
резервоар 52 литри
максимална брзина 208 km/h
забрзување 0-100 km/h 8,9 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек) 3,7/4,8/4,1 l/100 km
емисија на CO2 109 g/km

Повеќе информации во М Кар, тел. (02) 3096 600

Поврзани вести

Back to top button