TCR: Давидовски и Иџе без поголем успех во Асен
Викендов беше на програмата нова рунда од TCR шампионатот, на патеката во Асен, во Холандија. Македонските автомобилисти Игор Стефановски - Иџе и Виктор Давидовски во првата трка финишираа еден зад друг (16 и 17), а втората Иџе не ја заврши, Виктор беше 15-ти
Од самиот старт ова не беше добар викенд за македонските автомобилски асови кои имаа пех уште во квалификациите. Стефановски се избори за 17. место на стартот, Давидовски имаше излетување од патеката. За време на трката Стефановски напредуваше само едно место и на крајот се пласираше на 16. позиција, додека Давидовски успеа да го освои 17. Место. Победник во трката беше Унгарецот Даниел Наѓ, кому ова му беше прв триумф годинава, пред Верне и Ричард. Втората трка од TCR викендот во Асен, беше уште подраматична за македонските автомобилисти.
Давидовски стартуваше од последниот ред, но постигна солиден резултат освојувајќи ја 15. позиција, додека Иџе остана на патеката во Асен само неколку минути. „Летечкиот Македонец“ се откажа од трката поради оштетувања на својот автомобил, со што остана без можност да се бори за подобар пласман од вчерашната прва трка на која го освои 16. место. Победник во оваа трка беше Унгарецот Атила Таши, пред Аскона и Борковиќ кои исто така обезбедија место на победничкиот пиедестал.