Ceed линијата ќе биде проширена со нов кросовер
По премиерата на Ceed GT и ProCeed, Kia сега не изненади со најновиот член на семејството Ceed, кросовер кој сеуште нема официјално име
Овој кросовер претставува најновиот член на семејството Ceed. Неговото официјално име сеуште не е познато, но овој модел сигурно добро ќе се пробие и докаже помеѓу своите браќа, Stonic и Sportage.
Од овој маскиран прототип не може да се видат премногу детали околу дизајнот, со оглед на тоа дека Kia има вложено прилично многу труд при камуфлирањето на неговиот надворешниот изглед. Но сепак сличноста на овој кросовер со останатите модели во Ceed линијата не може баш и така лесно да се прикрие. Тоа може да се забалежи во предните и задните фарови, како и во пределот околу прозорците кој наликува на хечбекот Ceed. Истото може да се каже и за самата линија што прави овој кросовер да наликува на своите SUV браќа.
Новитет кај овој кросовер е застапеноста на пластичните обложувања по каросерискиот дел, особено околу лаковите на тркалата, како и неговата висина со која тој се издигнува над останатите Ceed модели.
Под хаубата се очекува да се најдат истите бензински и дизел мотори како и кај Ceed. За разлика од помалиот Stonic, овој модел би можел да добие опционален систем за погон на сите четири тркала.
Премиерата на овој модел може да ја очекуваме кон крајот на 2019 или почетокот на 2020 година.