Запознајте го новиот карбонски автомобил, Polestar 1
Kомпанијата Polestar заедно со Volvo го направија првиот краш тест на овој нов модел, кој заврши со одлични резултати
Компанијата Polestar е самостоен бренд кој е основан во 1996 година и претставува дел од групацијата Volvo. Нејзина основна задача е развивањето на електрични перформансни автомобили, автомобили со високи перформански, како и технички и козметички надградби на моделите на Volvo.
Во подготовките за производство на својот прв модел, Polestar има инвестирано сума на средства од милиони долари во производствените локации, склопувачки линии и разни други евалуации. Првиот самостоен модел на оваа компанија го носи името Polestar 1 и претставува автомобил кај кој речиси сите каросериски делови се изработени од јаглеродни влакна. Овој модел е базиран на Volvo Concept Coupе од 2013 година. Продажбата на овој автомобил се очекува да започне во 2019 година, со почетна цена од 150.000 евра.
Новиот Polestar 1 доаѓа со хибриден погон, кај кој бензинскиот мотор ги погонува предните тркала, додека за погон на задните се задолжени два електрични мотори.
Комбинираната максимална моќност од бензинскиот мотор, електричните мотори и интегрираниот стартен генератор (ISG) изнесува 600 коњски сили и вртежен момент од 1000 Nm, при што од 0-100 km/h забрзува за нешто помалку од 4 секунди.
Моторот со внатрешно согорување е високо-перформансен четири-цилиндарски мотор со турбополнач и механички компресор. Механичкиот компресор додава вртежен момент од ниски до средни брзини на моторот заедно со турбополначот до 3500 вртежи во минута. Потоа турбополначот додава моќност и вртежен момент до максималната вредност на вртежи во минута.
Електричните мотори кои ја погонуваат задната оска, имаат комбинирана моќност од 218 коњски сили и вртежен момент од 480 Nm на задните тркала. Освен со овие, Polestar 1 е опремен и со интегриран стартен генератор (ISG) кој придонесува кон вкупната моќност со 46 коњски сили и 150 Nm вртежен момент.
Како што беше споменато погоре, карактеристично за овој автомобил се панелите од јаглеродни влакна кои се поставени во самата каросериска структура.Издржливоста на карбонските материјали имплементирани во патнички возила, почна да се испитува на еден нов и прилично интересен начин, односно преку краш-тестови. Овој метод претставува сосем нов во споредба со традиционалните испитувања на возилата со челичен оклоп.
Изведувањето на краш-тест на Polestar 1 претставува прв ваков експеримент каде Volvo и Polestar ја тестираат издржливоста на каробонските материјали при реални услови.
За разлика од стандардниот челик, јаглеродните влакна ја апсорбираат енергијата од ударот преку распукување и кршење. При овие тестирања, посебно внимание е посветено на начинот на кој овој материјал реагира при екстремни сили за време на влијанието.
Сценариото кое го симулираше Polestar е фронтален судир во стационарна препрека со брзина од 56 km/h. Во овој случај, поголемиот дел од енергијата се апсорбира од заштитната структура на автомобилот, додека остатокот е намален од панелите со јаглеродните влакна во самата каросериска структура, кои не покажаа никакви знаци на свиткување и прекршување.
“Бевме навистина возбудени поради ова испитување. Првиот краш тест на Polestar 1 беше со цел да се истражи непознатото, и претставува клучен доказ во понатамошниот развој на овој модел. Моравме да дознаеме дали идеите и пресметките кои ги употребивме во процесот на конструирање биле исправни, и се покажа дека биле.” изјави Томас Ингенлат, главниот извршен директор на Polestar.
Останатите тестирања ќе се вршат во наредните недели во безбедносниот центар на Volvo во Готенбург, Шведска.
Во продолжение може да погледнете како се одвиваше испитувањето на Polestar 1.