Тест Jaguar XE: Мачка со остри канџи
Jaguar во автомобилскиот свет e препознатлив по спортските купеа и луксузните лимузини, со преставувањето на моделот ХЕ успеа да ги искомбинира најдобрите својства од двата света јасно заканувајќи им се на моделите од германската тројка
По згаснувањето на моделот Х-Type кој не доживеа голема популарност кај купувачите, британскиот Jaguar во периодот од 2009 до 2015 остана без адекватен преставник во сегментот на „entry level executive“ седани.
Турбулентниот период низ кој минува марката и просторот од 6 години одговорните лица во компанијата го користат за развивање на нов модел кој според сите параметри ќе може достојно да им се спротистави на германските модели кои суверено владеат со оваа класа.
Посветеноста и трудот вложени во проектот резултира со пропорции кои според многумина го прават најатрактивниот автомобил во класата. Конечно, Audi A4, BMW 3 и Mercedes С се соочуваат со конкуреција која подеднакво поседува престижен дизајн, специфична конструкција и врвни возни карактеристики спакувани во форма на моделот Jaguar XE.
Jaguar со моделот ХЕ цели кон успешни деловни идивидуи кои имаат изграден имиџ и не сакаат да бидат видени зад управувачот на возила што преставуваат стереотип во светот на бизнис менаџери. Голем дел од заслугите одат на сметка на познатиот дизајнер Јан Калум кој е одговорен за изгледот на сите нови модели на Jaguar.
Неговите стилски зафати му даваат на автомобилот софистициран и префинет изглед проткаен со неизбежна мускулеста нота карактеристична за британската марка, есенцијални состојки за еден деловен автомобил кој преферира висока позиција во премиум друштвото.
Секој детал од формата на XЕ е специфичнен само по себе и освен визуелниот впечаток има и своја функционална намена.
Решеткастата маска и големите странични отвори за воздух го карактеризираат предниот дел, покривот во купеовски стил продолжува елегантно до капакот на багажникот. Линиите на елементите работат во кохезија, едни задолжени за подобро ладење на механичките склопови, а другите за подобро струење на воздухот окулу и над автомобилот.
На задниот дел главната улога ја играат светлата во LED технологија кои се изведени по теркот на спортското купе F-Type а за заокружување на впечатокот се грижат машински обработените 18 инчните алуминиумски фелни.
Внатрешноста на моделот XЕ нуди извонреден сплет на луксузни елементи и софистицирана технологија. Удобното опкружување е интелигентно дизајнирано и изработено по највисоки стандарди. Предните седишта се поставени релативно ниско што допринесува за зголемување на спортското чувство кога ќе се седне зад управувачот.
Моторот се задвижува преку старт копче што пулсира во црвена боја, неговото притискање ја започнува сензацијата која ја буди бесната „мачка“. Моделот XЕ не отстапува од стандардите во класата што се однесува до просторот за колената и главата, нудејќи фер габарит и комфор за патниците на задните седишта. Просторот за транспорт на багаж е со правоаголен облик и волумен од 455 литри што е за нијанса помалку од конкурентите.
Со секундарните команди се управува преку инфо-забавниот систем InControl со екран осетлив на допир чија што големина е од цели 10,2 инчи.
Преку него е овозможено ефикасно конектирање со паметен телефон, поврзување со надворешен уред за трансфер на музички фајлови, но и да се управува со функции поврзани со работата на автомобилот сè со цел да се направи доживувањето во кабината позабавно, управувањето побезбедно, а патувањето пефикасно.
Во соработката со македонскиот импортер Аутомобили Гроуп на неколкудневен тест ни беше отстапен моделот Jaguar ХЕ со дизелски агрегат од 2.0 литри и моќ од 180 КС во пакет на опременост Prestige. Доработената Ingenium агрегатска понуда се карактиеризира со ниска емисија на издувни гасови и е проектирана да овозможи врвен баланс помеѓу ефикасноста и перформансите кај моделот ХЕ.
Под поклопец на тестниот модел работеше 2.0 четири цилиндерскиот дизел агрегат со моќ од 180 КС. Променливото време на работа на издувните вентили и чистото согорување помогнато од технологијатa AdBlue обезбедуваат третман во склад со најновите еколошки стандарди.
Моторот располага со вртежен момент од 430 Nm и покажува разиграност во секој момент, го повлекува автомобилот од ниски вртежи, а т.н „турбо дупка“ речиси и да не постои.
Во нашиот случај за преносот беше задолжена прецизната автоматска трансмисија со хидрауличен конвертор на вртежниот момент од палетата на реномираниот производител ZF со осум степени. Дека агресивноста и економичноста можат да одат рака под рака ни покажа ХЕ со просечната потрошувачка од 8,3 литри која е над декларираните вредности, но рака на срце и ние не бевме претерано внимателни во притискањето на педалот за забрзување.
Едeн од најважните параметри кој со себе го носи моделот ХЕ e конструкција што е направена во поголемиот дел од алуминиумска легура добиена од висококвалитетен рециклиран метал и истата придонесува за помала вкупна тежина на автомобилот и зголемена цврстина на каросеријата која пак се одразува во позитивен смисол при управувањето.
Со ваквите вредности, Jaguar успеа XЕ значително да го прилагоди на денешните трендови каде што со беспрекорното возење и динамиката во управувањето избива во самиот врв на класата. Лесната конструкција, речиси совршениот распоред на тежина и нискиот клиренс, дополнети со исклучително брзиот управувачки механизам обезбедува пргаво и милиметарски прецизно насочување на автомобилот во секоја ситуација.
Кога сме кај возните каратеристики треба да напоменеме дека ХЕ во тестираната конфигурација овозможува рачен избор на модови за возење во зависност од желбите и потребите на возачот.
Бидејќи станува збор за автомобил чија сила се пренесува исклучително преку задната оска развиен е системот All Surface Progress Control (ASPC) што обезбедува дополнителна сигурност при лизгав коловоз, без разлика дали станува збор за снежна, подмрзната или влажна подлога.
Намената на овој електронски воден склоп му дозволува на автомобилот да се справи со ситуации на слабото прилепување на подлогата, а во исто време на возачот му овозможува да се фокусира на управувањето на возилото без дополнително да води грижа за временските услови.
Во моментов класата во која настапува ХЕ е окупирана воглавно со германски модели, јапонските играат на картата футуризам, швеѓаните пристапуваат суптилно и минималистички, итаљанските сакаат да го покажат својот темперамент, но кога емоциите ќе се стават во прв план Jaguar XE прави да се чуствувате различен од останатите што е и негова примарна цел. Моделот кој овде го опишавме во Автомобили Груп е со цена од 57.150 евра.
Технички карактеристики за Jaguar XE:
Мотор | Euro VI, дизел, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
Работна зафатнина | 1.999 cm3 |
Пречник и од | 84.0 х 90.0 mm |
Степен на компресија | 16,5:1 |
Напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, common rail директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер |
Максимална моќ | 180 КС (140 kW) при 4.000 min-1 |
Макс. вртежен момент | 430 Nm при 1.750-2.500 min-1 |
Трансмисија | на задните тркала преку 8-степен автоматски менувач |
Потпирање | напред: Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор; назад; мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери |
Сопирачки | напред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ESP, TCS |
Пневматици | 225/45 R18 (напред) 245/40 R18 (позади) |
Каросерија | седан со четири врати, пет седишта |
Должина x ширина x висина | 4.672 x 1.967 x 1.425 mm |
Меѓуоскино растојание | 2.835 mm |
Траги (напред/назад) | 1.585/1.603 mm |
Тежина | 1.640 kg |
Максимална тежина | 2.190 kg |
Багажник | 455 dm3 |
Резервоар | 56 литри |
Максимална брзина | 228 km/h |
Забрзување 0-100 km/h | 7,8 секунди |
Потрошувачка (отворено/град/просек) | 3.7/5.1/4.2 l/100 km |
Емсија на CO2 | 134 g/km |
Конкуренти:
Mercedes C-Класа | од 35.990 до 98.000 |
BMW Серија 3 | од 34.090 до 56.800 |
Audi A4 | од 31.660 до 57.335 |
Jaguar XE во Македонија
XE Pure 2.0D 163HP M6 RWD | 45.052 евра |
XE Prestige 2.0D 163HP A8 RWD | 50.703 евра |
XE R-Sport 2.0D 180HP A8 AWD | 55.781 евра |
XE Portfolio 2.0D 240HP A8 AWD | 62.717 евра |
XE Pure 2.0P 200HP A8 AWD | 45.301 евра |
XE Prestige 2.0T 250HP A8 RWD | 53.136 евра |
XE R-Sport 2.0T 250HP A8 AWD | 58.238 евра |
XE Portfolio 2.0T 250HP A8 AWD | 60.143 евра |
XE S 3.0P V6 380HP A8 RWD | 68.250 евра |