Викенд Тарифа: Целосно електричен Corvette C7
Genovation GXE е електричен автомобил базиран целосно на добро познатиот модел на Chevrolet, Corvette C7
Официјално откриен за време на 2018 LA Auto Show, каде информираа дека производството ќе биде лимитирано на само 75 единици. Оригиналниот V8 мотор на Corvette е целосно изваден и заменет со два електрични мотори, додека трансмисијата е оставена што значи дека ќе има избор и за рачно менување на брзините. Точни информации за перформансите на овој модел сеуште не се објавени, но информирани сме дека забрзувањето до 100км/ч е под 3 секунди.
Визуелно, GXE се истакнува од другите „корвети“, бидејќи сепак си има свој уникатен дизајн со впечатливите LED ленти кои ги исцртуваат карактеристичните промени на автомобилот. Дефинитивно би ви го привлекло вниманието, но не само со уникатното екстерно осветлување туку и со одличната машина што не произведува никаков звук, барем не онаков како што би очекувале од автомобил со 800 коњски сили.
Проблемот со ваквите преобразувања секој пат е цената, па така и кај GXE. Genovation во замена ќе ви побара 750.000 долари. Колку да се стави оваа цена во перспектива, би можеле со овие три четвртини од милион долари да купите шест Corvette ZR1.