Наскоро и кабрио изведбата на T-Roc
Некои од производителите изминатиот период се соочија со неуспех на своите кросовер кабрио изведби, но Volkswagen се надева на поголем успех со новиот T-Roc Cabrio
Првично овој модел беше најавен во фебруари изминатата година, а после речиси цела година Volkswagen започна со тестирање на прототипната изведба на малиот кросовер.
Со цел да се добие кабрио изведба, T-Roc претрпе бројни модификации и промени. Од шпиунските слики може да видиме дека предниот дел е навистина сличен со стандардниот модел, што не е случај и кај задниот.
Уникатниот стил на задниот дел се карактеризира со промените во задното ветробранско стакло, како и пократкото тело кое има само две врати. Исто така, изгледот му е надополнет со интегриран спојлер на кој се наоѓа третото стоп светло. Како кабрио изведба, новиот T-Roc е опремен со мек, односно платнен покрив кој е прилично сличен со тој кај Golf Cabrio. И покрај овие промени, задниот браник и фарови ни се веќе познати од стандардната изведба.
Што се однесува до внатрешноста, се очекува овој модел да доаѓа со четири седишта, додека пак дизајнот на кабината ни е сеуште напознат.
Погонските опции се очекува да се префрлат од стандардниот T-Roc, каде ќе бидат вкличени бензински и дизел мотори. Иако ова е засега непотврдено, погонскиот асортиман би требало да го сочинуваат бензинскиот 2,0 TSI мотор со 187 коњски сили и вртежен момент од 320 Nm и дизелскиот 2,0 TDI мотор со моќност од 187 коњски сили и вртежен момент од 400 Nm. Моделот исто така може да биде понуден и со 1,0 и 1,5 литарски TSI мотори, како и 1,6 TDI мотор со 110 коњски сили.
Германскиот производител потврди дека новиот T-Roc Cabrio ќе се произведува во фабриката во Оснабрук, а веќе првите примероци ќе бидат готови во првата половина на 2020 година.