Mitsubishi со нов електричен SUV во Женева
На 89-тото издание на Меѓународниот саем за автомобили во Женева, Mitsubishi ќе дебитира со новиот електричен концепт Engelberg Tourer
Именуван по престижниот спортски зимски центар во Швајцарија, новиот Mitsubishi Engelberg Tourer Concept има задача да нè воведе во понатамошниот стилски и практичен развој во областа на електричните SUV. Главниот акцент е ставен на новата генерација на технолошките системи и подобрената ефикаснот кај електричните возила.
Кратката најава за овој автомобил вели дека концептот ќе биде повеќе од обичен SUV, поефикасен електричен автомобил опремен со најнова технологија, а сето ова ќе претставува одличен склоп на стил и дизајн.
Исто така, постои и веројатноста дека Engelberg Tourer Concept е всушност нов plug-in хибрид, со поголем електричен опсег од сегашниот Mitsubishi Outlander PHEV. Ова значи дека речиси сигурно концептот е со погон на сите четири тркала.
Од она што досега ни беше достапно, може да забележиме дека јапонскиот производител испробува некои нови идеи во однос на надворешното осветлување. Како резултат на ова, дизајнот на предниот дел се карактеризира со пар LED светла поставени на покривот, како и две сини тенки LED светла кои се протегаат во просторот под фаровите и околу самата решетка, при што завршуваат во долниот дел на браникот.
Овие футуристички но рекреативни осветлувачки додатоци предизвикуваат новиот Engelberg Tourer навистина да се истакнува, а како ќе реагира публиката останува да погледнеме на саемот во Женева.