KERS системот како новитет кај новиот XC90
Со суптилни визуелни измени, промените кај новиот SUV на Volvo главно се однесуваат на намалувањето на горивната потрошувачка и емисијата на издувни гасови, преку имплементирање на нови системи
Новата редизајнирана изведба на моделот XC90 е збогатена со новиот асортиман на мотори, како B5 и помоќниот B6, кои ќе бидат достапни кај SUV изведбата со седум седишта. Хибридните plug-in модели ќе бидат подобрени со користење на новиот KERS систем, кој претставува напреден систем за обновување на кинетичката енергија која обично се губи при сопирање, со цел да се помогне при напојувањето на електричниот мотор. Овој систем работи симултано со конвенционалните мотори во автомобилот.
Шведската компанија навистина се труди да ги оствари зацртаните цели за електрификација, а кон тоа придонесе и со надградување на она што претставува врв во опсегот, односно хибридниот T8 Twin Engine сега обезбедува дури 15 проценти поголем опсег, при моќност од 400 коњски сили.
Volvo XC90
Обновениот XC90 изгледа речиси исто како и до сега, што навистина не ни пречи со оглед на одличниот надворешен дизајн. Како новитет во каросерискиот изглед се само новите алуминиумски тркала, проширената палета на бои и освежената на предната решетка, кои го прават ова Volvo да изгледа уште подобро.
Текот на промените е поизразен во возачката кабина, поточно во поглед на достапноста на различни седишни конфигурации, каде покрај досегашните, за прв пат ќе биде понудена и конфигурација со шест седишта. Достапни ќе се и нови материјали, вклучувајќи и мешавина од волна.
Во поглед на технолошките промени, новиот SUV сега е опремен и со помош при управување кај системот за градска безбедност и кај системот за детектирање на слепите точки. Од Volvo изјавија дека системот за градска безбедност со автоматско сопирање е моментално сеуште единствен систем на пазарот способен да ги препознае пешаците, велосипедистите и поголемите животни.
Инфозабавниот систем Sensus е исто така надграден, па така новиот XC90 покрај Apple CarPlay, сега е достапен и со Android Auto, а интегрирана е и стриминг услугата Spotify.
Производството на новиот SUV на Volvo ќе започне во мај оваа година во фабриката Торсланда во Шведска, а можноста за преднарачка на овој модел е сега достапна на веќепостоечките пазари.