Новиот X6 уловен од објективот на Авто Плус
Во близина на Минхен нашиот тим успеа да направи неколку шпиунски фотки од маскираниот прототип на престојниот X6, кој е во фаза на активно тестирање
За време на нашата посета на Минхен, каде што екипата на Авто Плус имаше прилика подобро да се запознае со новата генерација на BMW X5, имавме прилика накратко да го видиме и новиот BMW X6, кој активно се тестира на патиштата околу центарот на баваријата.
Новата генерација на овој купе SUV ќе ја користи модифицираната платформа на X5, како и дел од неговите мотори. Сличноста со овој модел не застанува тука, па така се очекува новиот X6 да дели и некои други карактеристики со својот брат, како интегрално активно управување, целосно нов head-up дисплеј и амбиентен воздушен пакет.
И покрај одлично скриениот изглед, во поглед на задниот прозорец и заоблените фарови, може да кажеме дека малку потсетува на помалиот X4. Гледано од напред, новиот X6 ги добива препознатливите агресивни фарови со аголни LED светла, додека пак централната решетка, поточно „бубрезите“ го пратат новиот тренд, па така и тие сега се со зголемени пропорции.
Најавена е и M верзијата на овој модел, која се очекува да биде погонувана од 4,4 литарскиот V8 мотор со два турбо полначи кој го користи новата М5, со моќност од околу 600 коњски сили и вртежен момент од 750 Nm.
Премиерата на новиот BMW X6 сеуште не е официјално најавено, но се очекува овој модел да биде претставен на саемот во Франкфурт.