Женева 2019: Škoda со нов електричен SUV концепт
Пред самото отварање на саемот во Женева, Škoda се претстави со својот нов концептен купе SUV под името Vision iV Concept
Новиот Vision iV претставува прво возило на брендот кое е изградено на MEB електричната платформа на Volkswagen. Концептниот SUV користи два електрични мотори, по еден на секоја оска, погонувани од тенката литиум-јонска батерија која е поставена во подвозјето со цел да се заштеди на простор. Возниот опсег достигна до 500 километри, но податоците околу перформансите за овој автомобил ни се сеуште непознати.
Предниот дел на Vision iV се карактеризира со светлосна линија која ги поврзува тенките LED светла. Агресивно стилизираниот браник се надополнува со голема затворена решетка поставена во центарот, како и робусната хауба. Футуристичкиот изглед на овој концепт, исто така се должи на заоблената покривна линија, задните LED светла во „Ц“ облик, црниот дифузер со контрасна светлосна лента, отсуството на класичните странични ретровизори и рачки на вратите. Кон сето ова, одлично се надоврзуваат и 22-инчните фелни кои се аеродинамички оптимизирани.
Најголем впечаток од внатрешноста остава двослојната централна табла, во чија средина е поставен прилично голем инфотаинмент систем. Интересен и е дизајнот на управувачот, каде класичното лого на брендот е заменето со неговото целосно име. Големата централна конзола може да акомодира до два паметни телефони, кои можат да се поврзат со централниот дисплеј и да се користат како дигитални клучеви.