Официјално доделување на наградата за Автомобил на годината
Пред речиси неполн месец по 24ти пат беше организиран изборот на Автомобил на годината, а вчера оваа награда свечено го круниса новиот Ford Focus
На веќе добро позната локација во хотелот Александар Палас во Скопје, вчера се одржа уште еднаш манифестацијата по повод доделувањето на наградата за Автомобил на годината 2019, која беше во организација на Ми-Да Гранд Моторс.
Во потесната листа на овој избор се најдоа моделите Ford Focus, Kia Ceed, Volvo XC40, Citroen C5 Aircross и Opel Grandland X. Со освоени 69 поени, првата позиција му припадна на компактниот заводник на Ford, додека пак со 67 поени Citroen C5 Aircross се најде на втората позиција и се заќити со титулата SUV на годината.
Исто така, на оваа манифестација по втор пат беше доделено и признанието „Томислав Билјарац“, во чест на доајенот на македонското автомобилско новинарство, основач и прв претседател на Националното жири за Избор за автомобил на годината во Македонија. Наградата се доделува за посебни придонеси и резултати во автомобилската индустрија, при што оваа годинава замина во рацете на Стерули Бураку, сопственик на Аутомобиле СК и Автонова.