Mercedes-AMG G63 во рацете на Brabus
Стандардниот G63 не беше доволно моќен за германската тјунинг компанија, која реши да го „појача“ овој SUV со дополнителни 215 КС
Германската тјунинг компанија специјализирана за моделите на Mercedes-Benz, Smart and Maybach, овој пат го претстави својот нов проект 800 Widestar, кој претставува целосно модифицирана верзија на моќниот SUV, Mercedes-AMG G63.
Стандардната верзија на четири-литарскиот V8 мотор придружуван од два турбо полначи, му испорачува моќност на овој AMG од 585 КС и вртежен момент од 850 Nm. Сепак, овие бројки не биле доволно високи според дечките од Brabus, кои решиле со одредени модификации да извлечат дополнителни 215 КС од оваа погонска единица.
Турбо полначите се заменети со два нови од Brabus, кои доаѓаат со поголема компресорска единица за 1,6 бари и нов адекватен софтвер. Издувниот проток е подобрен преку новиот издувен систем од не’рѓосувачки челик, кој располага со двојни странични издувни цевки, поставени од двете страни на автомобилот.
Крајниот резултат го прави овој SUV уште по бесен со моќност од неверојатни 800 КС и 1000 Nm вртежен момент. Ова резултира со спринт до 100 за само 4,1 секунди, односно 0,4 секунди побрзо од стандардниот G63. Крајната брзина е електронски ограничена на 240 километри на час.
Подобрувањата освен под поклопецот, застапени се и по надворешноста и внатрешноста на G63 800 Widestar. Нови масивни алуминиумски фелни, поголеми предни воздушни доводи, редизајнирани предни и задни фасции и ново LED осветлување поставено на кровот, се само дел од измените по каросеријата. Може да се забележи и употребата на јаглеродни влакна, од кои е изработен задниот спојлер, новиот робусен поклопец и капакот на резервното тркало.
Возачката кабина исто така добила значителен make-over, каде сега се имплементирани нови алуминиумски рачки и специјално изработени делови од дрво и јаглеродни влакна. Ентериерот е завиен во уникатната „Mastik“ кожа со алкантара завршетоци, кои го прават овој Mercedes-AMG G63 навистина уникатен.