Автономните возила ќе го подобрат протокот на сообраќај за 35%
Според истражувачите, меѓусебната интеракција на автономните возила ќе влијае врз намалување на сообраќајниот проток за најмалку 35 проценти
Според новата студија на истражувачите од Универзитетот во Колумбија, автономните возила ќе можат да го подобрат сообраќајниот проток за најмалку 35 процент преку заедничко функционирање како флота. Истражувачите програмирале флота од мини роботски возила, кои возат самостојно по специјално креирана патека со две коловозни ленти, со цел да се набљудува текот на сообраќајниот проток кога едно возило ќе застане.
Кога возилата не биле програмирани да се движат на кооперативен начин, она кое доаѓа зад стационарно возило треба да забави или застане и да чека за меѓупростор во сообраќајот во соседната лента. Ова резултирало во формирање на редица, која го намалува севкупниот проток на сообраќајот, како што се случува во реални услови.
Потоа истражувачите ги програмирале возилата да се движат кооперативно, така што кога едно возило ќе застане во коловозната лента, тоа испраќа сигнал до останатите. Возилата во соседната лента одговараат со мало намалување на брзината, така што оние кои се заглавени зад застанатото возило можат брзо да ја променат коловозната лента, без значителни застои и успорувања.
Покрај тоа, кога далечински контролирано возило е внесено во креираната патека и е возено на агресивен начин од страна на еден од истражувачите, автономните возила си оставаат меѓусебно простор со цел да избегнат било каков судир.
Кога флотата на автономни возила била програмирана да се движи кооперативно, вкупниот сообраќаен проток се подобрил за 35% во однос на егоцентричниот тест на возење и 45% во однос на агресивниот тест на возење.
Резултатите од студијата се претставени на Меѓународната конференција за роботика и автоматика во Монтреал, Канада. Надежите се дека тие ќе бидат корисни за да се види како автономните возила може да комуницираат едни со други и со возила со возач, во реални патни услови во иднина.
„Автономните автомобили можат да бидат решение на голем број на сообраќајни проблеми кои се поврзани со возењето во градовите, но прво треба да се најде начин како тие да соработуваат”, изјавил Мајкл Хи, студент кој ги дизајнирал алгоритмите за експериментот.
Голем дел од хардверот користен во студијата е создаден од Николас Хилдмар, студент на додипломски студии на Даунинг колеџ, кој вели: „Ако различните производители на возила, сите развиваат свои автономни автомобили со сопствен софтвер, тие автомобили мора ефикасно да комуницираат едни со други.”