Се одржа второто издание на Skopje Classic Day 2019 (Галерија)
Класика на тркала, опуштена музика и одлично време. Денес се одржа вториот меѓународен настан посветен на класичните автомобили и мотоцикли
Денес, Скопје беше повторно домаќин на уште една фантастична манифестација со меѓународен карактер. Благодарение на клубот “Gentleman’s Crew”, “Skopje Classic Day” го доби своето второ издание, а денот беше одбележан со класичноста и автентичноста на повеќе од 80 возила.
Специјалната селекција, организирана во 7 поединечни категории, се состоеше од речиси 55 автомобили и 30 моторцикли, сите со старост поголема од 35 години. Половина од сопствениците на овие автомобили беа гости од странство, кои несомнено добија одличен пречек од домашната публика.
Автомобилите и моторциклите зрачеа со позитивни ретро вибрации, кои предизвикуваа чувство на љубопитност и правеа секој од нас да посака да прочепка во нивното минато и да ја дознае нивната приказна.
На настанот можеше да се забележат разни видови на моторцикли, од спортски до ретро веспи, како и изобилството на интересни и несекојдневни автомобили. Дел од нив за прв пат гостува во нашава земја, а другиот дел пак беа веќе добро познати од минатогодишната манифестација.
Од Титовиот Mercedes-Benz W114 од 1974 година, па се до бугарската флота на Porsche ретро моделите, скопјани имаа навистина што да видат.
Во продолжение погледнете ја галеријата на овие одлични автомобили, преку која ќе се обидеме да ви доловиме дел од атмосферата пред хотелот Александар Палас.