fbpx

Тест Škoda Scala: Скалило погоре

Со цел да го редефинира сегментот за компактен семеен автомобил и воедно да ја пополни празнината помеѓу Fabia и Octavia, чешкиот производител реши на атрактивниот концепт Vision RS да му поклони и своја производна верзија

zlatno trkalo finalist

Како што самото име сугерира, брендот се стреми високо со новиот хечбек: зборот „Scala“ доаѓа од латинскиот јазик и значи „скали“, односно „скалила“. Со новата технологија, емотивниот дизајн, високиот степен на функционалност и најсовремената поврзаност, новата Škoda Scala презема повеќе од само еден развоен чекор, а истовремено поставува и нови стандарди во компактниот сегмент.

Чешкиот хечбек всушност претставува замена за досегашниот Rapid, кој не доживеа значителен успех како останатите ривали од компактниот сегмент. Со Scala, компанијата очекува ова да се промени на подобро, пред сè поради фактор дека чесите имаат вложено многу труд при конструирањето на овој автомобил, што може да се забележи од иновативениот дизајн на моделот, па сè до новите поставени безбедносни стандарди.

Емотивен и динамичен дизајн

Mоделот Škoda Scala ја започнува ерата на новата дизајнерска еволуција на брендот, каде динамични детали, тродимензионални форми, софистицирани и скулпторски линии се она што го дефинираат изгледот на новиот хечбек. Scala ја претстави следната фаза од развојот на новиот дизајн на компанијата, која Škoda го нарече „Едноставно изненадувачки“. Јасните и елегантни линии, како и спортските нагласоци му обезбедуваат на автомобилот уште подинамичен и попривлечен изглед, создавајќи емотивна привлечност. Scala претставува првиот модел на компанијата, кое го одбележува својот храбар идентитет со носење на името „Škoda“, поставено на задната врата, наместо досегашното лого на брендот.

На прв поглед, новото чешко достигнување импресионира со совршени пропорции, дефинирани површини и течни линии. Иновативните LED предни фарови, како и задните светла на Scala, покрај својата техничка функција, значајна улога играат и во поглед на дизајнот. Предните фарови доаѓаат со комплетно нов дизајн со заострени форми каде светлосниот потпис на автомобилот е обезбеден преку тенката LED лента, а заедно со впечатлива решетка, големиот централен воздушен отвор и страничните воздушни завеси ја обликуваат предната страна на моделот.

 Надворешност 1/4 | Scala 
 Надворешност 2/4 | Scala 
 Надворешност 3/4 | Scala  
Надворешност 4/4 | Scala 

     

    Кон впечатливиот изглед на Scala придонесуваат и динамичните задни светла, кои со светлата за магла и рефлекторите ја формираат типичната „C” форма. Спортскиот карактер на автомобилот е надополнет со аеродинамички-оптимизираниот спојлер и спортскиот дифузер во задниот дел, а кон целокупниот изглед одлично се вклопуваат и алуминиумските фелни.

    Сплет на ергономичност и пространост

    Земена од концептниот Vision RS и пренесена директно во производствен автомобил со минимални промени, внатрешноста на Škoda Scala беспрекорно го продолжува емотивниот дизајн на екстериерот. Внатрешен концепт создава комбинација на ергономичност и емотивност, пропратена со типичното ниво на практичност на Škoda. На прв поглед се забележува изработката на ентериерот, кој изобилува со извонредни и пријатни материјали меки на допир, како и најновата дигиталната технологија. Едноставниот инфозабавен екран од 9,2 инчи е позициониран високо на контролната табла и нуди јасен преглен на возачот, а опционалниот Virtual Cockpit со 10,25 инчи е еден од најголемите екрани во сегментот.

    Кога станува збор за конективноста, инфозабавниот систем овозможува поврзување со паметните телефони преку Bluetooth, а присутни се и два USB-C порти, кои пријатно нѐ изненадија. Дизајнираната централна табла доаѓа со декоративни тримови во неколку бои, а се карактеризира и со изработка со висококвалитетни, меки површини, чија специфична текстура во иднина ќе го обликува стилот на брендот. Достапно е и амбиенталното осветлување исто така во неколку бои. За подигање на кабинскиот конфор свој придонес има и ниското ниво на внатрешна бучавост, постигнато со употреба да добра звучна изолација.

    Внатрешност 1/4 | Scala 
    Внатрешност 2/4 |  
    Внатрешност 3/4 | Scala 
    Внатрешност 4/4 | Scala 

       

      Како дел од добро познатите Simply Clever практични решенија на Škoda, Scala содржи интелигентни функционалности кои го прават секојдневието полесно за возачите. Тука се вбројуваат држачот за паркинг картичка на А-столбот, преградата за чадор во возачката врата, гребалката за мраз во вратичката за гориво со вграден мерач за длабочина на пневматици и интегрираната инка за полнење на средство за бришачите.

      Благодарение на променетата платформа на која се базира, новата Scala е прилично попространа во однос на Rapid. Ова најмногу е одразено во поглед на просторот на задната клупа, кој сега овозможува поголемо ниво на удобност за патниците сместени на задната клупа. Секако, тука е и багажниот простор, кој е со капацитет од 467 литри е најголем во својот сегмент.

      Нова платформа

      Колку Scala е порасната во однос на Rapid е забележливо уште на прв поглед, благодарение на новата архитектура на која е изграден овој хечбек. Таа е првата Škoda базирана на модерната модуларна MQB-A0 платформа на групацијата Volkswagen. Така, новата Scala е долга 4.362 милиметри, широка 1.793 милиметри и има висина од 1.471 милиметри, со својата маса од само 1.240 килограми, таа располага со одлични возни карактеристики. Освен дарежливиот износ на просторот, автомобилот исто така поседува подобрена аеродинамика со коефициент од 0,29.

      Scala 1/3 |  
      Scala 2/3 |  
      Scala 3/3 | Scala 

        Економичен и енергичен погон

        Што се однесува до погонските агрегати, кај нас Scala засега е достапна со два турбо мотори, 1,0 литарски бензински и 1,6 литарскиот дизел мотор. Бензинскиот мотор доаѓа во две варијанти, а ние ја возевме помоќната која поседува 115 коњски сили и 200 Nm што работи во константна спрега со мануелен шест-степен менувач кој е навистина пријатен за употреба, со мазни промени и со кратко дејство. Вака конфигураната Scala, од 0 до 100 km/h достигнува за време од 9,8 секунди, додека пак стрелката на брзинометарот означува крајна брзина со достигнување на 204 km/h. Кога станува збор за горивната потрошувачка, претежно во градски услови, просекот за време на тестот изнесуваше нешто помалку од 8 литри на 100 изминати километри.

        Нешто подоцна на нашиот пазар ќе пристигне и најмоќната изведба на хечбекот, со 1,5 литарскиот турбо-бензински TSI мотор, кој доаѓа со 150 коњски сили и вртежен момент од 250 Nm. Сите моторни единици се согласно Euro 6 d-Temp стандардите. Škoda со новата Scala засега не планира да се придружи на електрификацискиот тренд, но неодамна најави дека погонскиот спектар ќе го прошири со CNG верзија.

        Ако имате вистинска страст за возење, искуството во возењето и перформансите на Škoda Scala можеби и нема баш да ви го подигнат адреналинот на некое повисоко ниво. Сепак, како компактен хечбек претставува едноставен и практичен семеен избор, кој одговара одлично на поставените барања. Во секој поглед на возните способности, автомобилот одговара и повеќе од задоволително, со доволно тивок работен режим, силни сопирачки и разумна агилност. Управувањето е навистина лесно и прецизно, одлично за хаотичните градски услови, додека пак системот за потпирање одговара со карактеристики навистина блиску до оние на Golf, со што може да се каже дека Scala е една од поудобните во својата класа.

        Цената на тестираниот примерок изнесува 16.720 евра.

        Технички податоци за Škoda Scala Ambition 1.0 TSI 115 PS:

        мотор Euro VI d-TEMP, бензин, четиритактен, три-цилиндарски, водено ладен, сместен напред надолжно
        работна зафатнина 999 cm3
        пречник и од 74.5 x 76.4 mm
        степен на компресија 10,3:1
        напојување четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото
        максимална моќ 115 КС (85 KW) при 5.000 min-1
        макс. вртежен момент 200 Nm при 2.000-3.500 min-1
        трансмисија на предни тркала преку шест-степен рачен менувач
        потпирање напред независен McPherson-oв систем, назад полузависен систем
        сопирачки напред вентилирачки дискови, назад дискови, ABS, ESP
        пневматици 205/55 R16 напред, 205/55 R16 назад
        каросерија хечбек со пет врати, пет седишта
        должина х ширина х висина 4.362 x 1.793 x 1.471 mm
        меѓуоскино растојание 2.649 mm
        траги (напред/назад) 1.531/1.516 mm
        тежина 1.305 kg
        максимална тежина 1.668 kg
        багажен капацитет 467 l
        резервоар 50 l
        максимална брзина 204 km/h
        забрзување 0-100 km/h 9,8 секунди
        потрошувачка (отворен пат/град/просек) 4,2/6,4/5,0 l/100 km
        емисија на CO2 113 g/km

         

        Škoda Scala во Македонија:

        Škoda Scala 1.0 TSI 95PS Ambition 14.560 евра
        Škoda Scala 1.0 TSI 115PS Ambition 15.210 евра
        Škoda Scala 1.0 TSI DSG 115PS Style 19.030 евра
        Škoda Scala 1.6 TDI 115PS Ambition 18.270 евра
        Škoda Scala 1.6 TDI DSG 115PS Style 22.310 евра

         

        Повеќе информации во Порше Македонија или на тел. (02) 262 6266.

        Конкуренти:

        Volkswagen Golf 19.996 до 30.792 евра
        Ford Focus 17.900 до 39.000 евра
        Toyota Corolla 15.990 до 32.700 евра
        Peugeot 308 17.020 до 23.541 евра
        Hyundai i30 13.990 евра

         

        Погледнете ја Scala низ објективот на АвтоПлус:

        Поврзани вести

        Back to top button