Тест Škoda Fabia: Повеќе од суптилна
Некогашна мета на автомобилски критики, а денес бренд со кредибилитет кој спремно одговара на извиканите светски имињата. Моделот Fabia беше еден од главните инструменти во оваа трансформација на брендот
Како модел во еден од најконкурентните сегменти, Fabia се соочува со навистина голем број на ривали, од европско, јапонско и корејско производство. Сепак, ова и не е изненадувачки со оглед на фактот дека овие мали автомобили се едни од најпосакуваните и најпобаруваните модели на пазарот.
Нов дизајн со урбан карактер
Третата генерација на Škoda Fabia за прв пат се појави на пазарот во 2014 година, а досега производителот може да се пофали со речиси 700.000 продадени примероци. Додека роднинските ривали како Ibiza, Polo и Audi A1 добија целосно нова платформа и беа целосно редизајнирани, новата Fabia претставува само подотерано издание кое се вози сеуште на старата. Промените во дизајнот на ова издание од 2018 година се ограничени на нови предни и задни светлосни уреди, кои сега за прв пат доаѓаат со LED осветлување. Тука е и подобреното ниво на стандардна опрема, дополнителната технологија за активна безбедност, како и понудениот спектар на погонски единици кој е поеколошки ориентиран, што значи дека дизел моторите се целосно исклучени.
Моделот Škoda Fabia кој имавме можност да го тестираме е со Ambition нивото на опременост. Измените на екстериерот се суптилни и минимални и се сведуваат на неколкуте корекции на маската од ладилникот, обликот на предниот браник и изоштрувањата на оптиката на светлосните групи на задниот крајот од автомобилот. Надворешноста ни доаѓа во сино металик издание, која во случајов е надополнето со 15 инчните алуминиумски бандажи. Кон овој дизајн одлично се вклопуваат новите LED дневни светла со динамичка контрола, кои се дел од листата на дополнителна опрема кај овој автомобил.
Ревидирана внатрешност
Што се однесува до возачката кабина, новата Fabia има претрпено неколку промени во дизајнот на внатрешноста. Во централната конзола на тестираниот модел е поставен 6,5 инчен екран осетлив на допир, преку кој се командува со поголемиот број од секундарните функции. Системот поседува повеќе можности за конекција, Bluetooth, SD слот, како и Smart Link за поврзување на Android или iPhone паметни телефони. Користените материјали за изработка на кабината не се со најмек состав но досегашните искуства велат дека имаат долг век на траење. Во пакет кај оваа изведба влегува и кожниот управувач со контроли за радио и телефон.
Удобноста пак при управувањето е одлична за возило од оваа класа, а висинското подесување на возачкото седиште како и неговата ергономичност, само допринесуваат кон ова. Во задниот дел на автомобилот удобно може да се возат два патника, но комфорот се намалува со седнување на трет патник. Капацитетот на багажниот простор има зафатнина од 350 литри, кој значително се зголемува со преклопување на задната клупа, при што се добиваат 1.150 литри простор.
Поеколошки погонски спектар
Како што веќе напоменавме, дизел моторите повеќе не се дел од новата Škoda Fabia, додека пак бензинскиот спектар е ограничен на 1,0 три-цилиндерскиот мотор кој доаѓа во четири верзии чија моќ се движи од 60 до 110 КС, сите агрегати ги исполнуваат новите еуро 6 нормативи. Првите два се во атмосферска изведба, додека третата варијанта е токму тестираната, односно TSI агрегатот придружуван од турбо полнач и пет степен рачен менувач, кој што испорачува моќност од 95 КС. Крајната брзина изнесува 184 км/ч, додека од 0 до 100 достигнува за прифатливи 10,8 секунди. За секојдневна градска употреба, може да кажеме дека овој погонски агрегат е сосем доволен и одлично ги исполнува сите барања, како прилично брз одзив, солидно забрзување, одлично управување и задоволителна потрошувачка.
Иако автомобилот претежно го возевме по градските улици, своите адекватни способности ни ги покажа и на автопатски делници при што компјутерот ни посочи дека просечната потрошувачка изнесува 7,5 литри на секои 100 километри. Новата Fabia е подобрена и во поглед на безбедноста, сега таа располага со повеќе активни и пасивни системи се со цел да го задржи чекорот со ново претставените конкурентски модели. Последен во погонскиот спектар е 1.0 TSI моторот со моќност од 110 КС, кој има можност за избор помеѓу пет степен рачен и седум степен автоматски менувач.
За цената на тестираниот модел од 15.510 евра ќе оставаме на вас да процените, но треба да се земе во предвид дека избалансираноста помеѓу вложеното и добиеното секогаш и била предност на чешката марка која знаела максимално да ја искористи.
Технички карактеристики за Škoda Fabia: | |
мотор | Euro VI, бензин, четиритактен, три-цилиндерски, воденоладен, сместен напред надолжно |
работна зафатнина | 999 cm3 |
пречник и од | 74,5 x 76,4 mm |
степен на компресија | 10,3:1 |
напојување | четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер |
максимална моќ | 95 КС (70kW) |
макс. вртежен момент | 160Nm при 1800min-1 |
трансмисија | на предните тркала преку 5-степен рачен менувач |
потпирање | напред независен Макферсонов тип на пружина со стабилизатор, позади полузависен мост со стабилизатор за напречно спротивставување на отпорите |
сопирачки | напред самовентилирачки дискови, назад барабан, ЕЅР, ABS, MBA, EBV |
пневматици | 185/60 R15 (напред) 185/60 R15 (позади) |
каросерија | субкомпакт со пет врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 3.997 x 1.732 x 1.467 mm |
меѓуоскино растојание | 2.470 mm |
траги (напред/назад) | 1.463/1.457 mm |
тежина | 1.046 kg |
максимална тежина | 1.576 kg |
багажен капацитет | 330 литри |
резервоар | 45 литри |
максимална брзина | 184 km/h |
забрзување 0-100 km/h | 10.8 секунди |
потрошувачка (отворен пат/град/просек) | 4,1/5,5/4,6 l/100km |
емисија на CO2 | 106 g/km |
Škoda Fabia во Македонија: | |
Active 1.0/60 MPI | 9.940 евра |
Active 1.0/75 MPI | 10.400 евра |
Ambition 1.0/74 MPI | 11.650 евра |
Ambition 1.0/95 TSI | 12.430 евра |
Ambition 1.0/110 TSI | 13.110 евра |
Style 1.0/95 TSI | 13.620 евра |
Style 1.0/110 TSI | 14.370 евра |
Style 1.0/110 TSI DSG | 15.650 евра |
Повеќе информации во Porsche Macedonia или на тел. (02) 2626 266.
Конкуренти: | |
Kia Rio | од 12.290 до 15.190 евра |
Renault Clio | од 12.190 до 18.150 евра |
Ford Fiesta | од 13.100 до 20.000 евра |
Volkswagen Polo | од 15.435 до 20.497 евра |
Погледнете ја нашата галерија: