Подигнување на свесноста за значењето на електромобилноста
Здружението за промовирање на електрични возила со „Електромобилност 2.0“ во рамките на „Европската недела на мобилност“
Здружението за промовирање на електрични возила Електромобилност Скопје вчера во рамките на глобалниот настан „Европската недела на мобилност“ организираше едукативен настан насловен „Електромобилност 2.0“.
Во рамките на Машинскиот факултет како и Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје, изложени беа електрични и хибридни возила, како и полначи за истите. Со својот електрифициран возен парк учествуваа повеќе фирми како: ЕВН Македонија, Македонски Телеком, Тојота Авто Центар, Про Кредит Банка, Фибернет MK, Hamachi, Зорин е-возила и останати поддржувачи на електромобилноста.
Целиот настан беше со едукативен карактер, со цел да ги запознае посетителите со возилата на 3и хибриден погон, нивните системи и принцип на работа, како и нивната улога во заштита на животната средина, намалување на загадувањето и останатите придобивки од овој алтернативен погон.
Она што можевме да забележиме и воочиме во однос на изминатите години, е поголемиот број на компании кои се одлучуваат за користење на возила со електричен погон во својот возен парк, како и зголемениот број на компании кои во својата продажна понуда вклучуваат електрични и хибридни возила.
На листата на изложените возила се најдоа моделите на Volkswagen, Renault, Mitsubishi, Lexus, Toyota, Nissan, Hamachi, Hyundai и други. Можеа да се погледнат и електричните возила на Pizza Jakomo, град Скопје, а присутни беа и електричното „Фиќо“ и електричниот Seat Arosa.