Претставена концептна верзија на моделот Mirai
Toyota вчера претстави концептна верзија на новата генерација на моделот Mirai на водородни горивни ќелии, чијашто производствена верзија ќе излезе во продажба кон крајот на 2020 година
Новата генерација на Toyota Mirai ќе ја користи платформата на Lexus LS, со погон на задни тркала, има пространа внатрешност, автономија од околу 650 km и поголема моќност. Од компанијата не соопштија повеќе детали, па допрва се очекуваат поконкретни информации.
Покрај овие информации Toyota ги објави и димензиите на возилото, па така знаеме дека Mirai е 498 см долг, 189 см широк и 147 см висок. Споредбено со неговиот претходник, сегашниот модел е за 10 см подолг, за 7 см поширок и за 7 см понизок. Меѓуоскиното растојание е 292 см.
Познат е и податокот дека автомобилот ќе биде опремен со 20 инчни фелни и Bridgestone пневматици. Внатрешноста ќе ја красат црна кожа, дигитални инструменти, екран на допир од 12,3 инчи, предни седишта со греење и ладење, аудио систем со 14 звучници … Новиот Mirai ќе се произведува во Јапонија.