Ferrari го прошири GT опсегот со новиот Roma
Позициониран помеѓу Portofino и F8, Roma го проширува GT опсегот на брендот со 620 коњски турбо V8 и 760 Nm
Ferrari официјално ја претстави својата најнова креација, под името Roma, но компанијата не откри многу детали околу V8 купето.
Во предниот дел забележлива е аеродинамична фасција со ретро решетка, под која се наоѓа изразен сплитер, а светлосните уреди се со уникатен дизајн и хоризонтална лента која има улога на LED дневно светло. Она што исто така го карактеризира овој дел на автомобилот е хаубата која е поставена со изразено стрмен наклон. Движејќи се наназад, дизајнот на Roma станува поагресивен во задниот дел благодарение на црниот заден браник и интегрираните четири издувни цевки.
Во внатрешноста она што ги пречекува возачите е високо технолошката кабина со дигитален инструмент панел и вертикално поставен инфозабавен систем. Дури и совозачот има сопствен инфозабавен систем, но сепак уште не е јасно дали ќе биде стандарден или ќе биде понуден како опција како и кај Portofino.
Како што кажавме, Ferrari задржи голем дел од деталите за себе, но она што го потврдија е дека новиот Roma е погонуван од 3,9 литарскиот турбо V8 мотор кој испорачува моќност од 620 коњски сили и 760 Nm вртежен момент. Единицата е поврзана со истиот осум-степен автоматски менувач со двојна спојка искористен и кај SF90 Stradale.
Ова му овозможува на купето да забрза од 0-100 km/h за само 3,4 секунди и покрај тежината од 1.472 килограми. Забрзувањето до 200 km/h е за време од 9,3 секунди, пред да ја достигне максималната брзина од 320 km/h.
Од Ferrari исто така не објавија никакви информации околу лансирањето на Roma.