Rimac C_Two пристигнува во продукциска форма во март идната година
Прототипот на електричниот автомобил Rimac C_Two на хрватската компанија Rimac Automobili се уште е во фаза на тестирање, а во продукциска форма ќе се појави на пролет
Rimac во моментов поседува 17 прототипи кои минуваат низ тест фаза на различни постројки на патеки ширум светот, а се тестира сѐ, почнувајќи од ригидноста на шасијата, до автономното возење.
Целта на сето ова е Rimac C_Two да биде подготвен за јавноста во целосна производствена форма за следната година и премиерата на Саемот за автомобили во Женева. Rimac исто така потврди дека испораките за клиентите ќе започнат кон крајот на 2020. година.
Освен колосалните 1.887 КС, Rimac C_Two ќе има и фантастично забрзување, па од нула до „стотка“ ќе стигнува за само 1,85 секунди пред да ги достигне своите максимални 415 километри на час.
Од Rimac порачуваат дека ова ќе биде електричен суперавтомобил за секојдневна употреба, а токму тоа остава простор за верзија фокусирана на патеките која ќе пристигне нешто подоцна.
Во меѓувреме Rimac Automobili објави ново промотивно видео, прво во кое може да се види Rimac C_Two во акција.
Попрецизно, станува збор за прототипот, еден од 17-те примероци кои ќе бидат произведени во оваа предсериска фаза од конечното тестирање и подесување на финесите. Тестирањата ќе продолжат и идната година, а производственото издание, како што веќе рековме, премиерно ќе биде претставено во март. Моделот ќе се разликува од досегашните концепти со подобрување на полето на ергономијата, дизајнот и перформансите. Затоа автомобилот во производствената верзија ќе добие и ново име под кое ќе биде претставен пред светот, нагласуваат од Rimac.