Во Ferrari категорични: Нема да дизајнираме спортски автомобил за жени
Ferrari исто така е против фарбање на своите модели во розева боја, а исто така демантираа дека новата Roma е направена да привлече повеќе припаднички на понежниот пол
Од Ferrari при претставувањето на својот најнов модел Roma соопштија дека желбата им б ила да ја прошират својата целна група на купувачи и да привлечат нови клиенти, но сепак негираат дека овој GT модел е насочен кон понежниот пол.
Имено, во компанијата од Маранело не се за тоа суперспортските автомобили да се дизајнираат со идеја да им се допаднат посебно на жените. Во италијанскиот производител велат дека немаат намера да лансираат автомобил кој би бил ориентиран кон женската популација, бидејќи тоа не го сакаат ни самите жени кои не би биле заинтересирани за суперспортски автомобил кој би го имал епитетот „женско“ Ferrari.
Маркетинг шефот на компанијата, Енрико Галијера, смета дека тоа би влијаело лошо на продажбата бидејќи тогаш некои машки фанови на Ferrari можеби би се одлучиле за модел на некој друг производител на суперспортски автомобили.
Дури и без „женски“ Ferrari, на овој производител продажбата на возила на припадничките на понежниот пол оди добро, со оглед на тоа дека бележи раст на бројот на купувачи жени.
Галиера смета дека тоа е резултат на бројни активности кои неговата компанија ширум светот ги организира токму со цел да ги анимира двојките, а не само мажите. Тој уште еднаш потврди дека купувачите на Ferrari своето возило нема да можат да го нарачаат во розева боја, без оглед на тоа колку се подготвени да платат за истото.
„Ние произведуваме спортски автомобили, а постојат некои бои за кои веруваме дека не се соодветни за тој вид возила“, објаснува Галиера.
Сепак, тоа нема да го спречи Ferrari да направи и еден атипичен суперспортски модел. Според последните инфромации, првиот SUV на Ferrari, Purosangue е планиран за 2021. година.