Himalaya со нов Land Rover Defender проценет на 250 илјади долари
Land Rover Defender останува омилена играчка на „афтермаркет“ компаниите, без воопшто да им смета фактот што наскоро ќе се појави целосно новиот Defender
Himalaya, компанијата со седиште во Јужна Каролина, е една од нив, а сега го претстави своето последно творештво – LS3 Defender 110 Crew Cab кој е комбинација на засилен „оф роуд“ перформанс со удобност и луксуз.
Во срцето на овој Defender 110 се наоѓа 6,2-литарски LS3 Corvette мотор кој испорачува 525 КС и 671 Nm вртежен момент. Со толкава моќ и вртежен момент на располагање, јасно е дека не постојат многу пречки кои ќе можат да го запрат овој Defender.
Настрана промената на моторот, овој проект исто така содржи и целосно нов систем за гориво, целосна конверзија на дисковите на сопирачките, реконструирана електроника и нов систем за климатизација. Во внатрешноста се наоѓаат црни кожни седишта, а деталите се во карбон, заедно со кожен управувач, уникатен аудио систем и Alpine екран чувствителен на допир.
Овој Defender без дилеми е одличен, но проблемот е во неговата цена која изнесува 250 илјади долари, што го прави значително поскап од Lamborghini Urus или Bentley Bentayga.