Toyota потврди дека ќе прави нов мал кросовер за Европа
По најавите дека Toyota ќе произведе SUV верзија на Yaris, од компанијата потврдија дека ќе произведуваат нов мал кросовер базиран на истата платформа
Toyota досега веќе го претстави новиот Yaris во хечбек верзија со 5 врати како и спортскиот GR Yaris, но во план е и кросовер варијанта со кој јапонскиот гигант ќе биде конкуренција на Nissan Juke и Renault Captur во Европа. За ова неодамна се шпекулираше низ медиумите, а сето ова сега е и официјално потврдено од самата фабрика. Исто така, објавен е и еден тизер цртеж, додека името на овој новитет уште не е соопштено.
Претходните неофицијални информации велат дека станува збор за автомобил нешто подолг од 4 метри, повисок од Yaris за 40 mm и со благо продолжено меѓуосовинско растојание со цел да понуди повеќе место за нозете на патниците на задните седишта. За внатрешноста се предвидени голем централен екран чувствителен на допир, head-up екран, како и Apple CarPlay и Android Auto.
И овој SUV секако ќе ја користи истата платформа како и новиот Yaris (GA-B), но во однос на него ќе има различен изглед на екстериерот. Според цртежот кој е објавен, новиот кросовер ќе има мускулест изглед и веројатно ќе биде само малку поголем од Yaris. Сепак, веројатно нема да биде поголем од C-HR со оглед на тоа дека според информациите од претходниот период навести дека новиот SUV ќе се најде под C-HR кога станува збор за димензиите и цените.
Новиот кросовер ќе пристигне подоцна оваа година
Од Toyota посочуваат дека возилото покрај тоа што ќе биде базирано на истата платформа како Yaris, овој кросовер нема да биде само подигната и адаптирана верзија на хечбекот, бидејќи произведителот сака да му даде карактеристичен изглед и конструкција.
„Нема да чекате премногу долго за да го видите финалниот дизајн, и ќе видите дека ова нема да биде само Yaris со подигнат систем на потпирање и адаптирање на телото, туку сосема нов и карактеристичен B-SUV модел со компактен, динамичен дизајн и свои карактеристики“, изјави Мет Херисон, извршен потпретседател на Toyota за Европа.
Исто така, Toyota тука веројатно нема да го понуди базичниот 1,0-литарски бензински мотор, туку 1,5-литарски бензинец, како и хибридна верзија со споменатиот 1,5-литарски бензинец и комбинирана сила од 115 КС.
Автомобилот ќе се појави подоцна оваа година, додека за неговото производство ќе се грижи фабриката на Toyota во Франција (TMMF).