Genesis GV80 конечно го дочека своето деби во Сеул
Луксузниот бренд го прикажа својот прв SUV кој би требало да овозможи значително зголемена продажба, но и влез на европскиот пазар
Долго време Genesis работеше на моделот GV80, велат дека во него вложиле голема сума на пари и уште повеќе време и труд со цел да се наметне како рамноправен конкурент на ривалите во предизвикувачкиот сегмент. Засега Genesis GV80 е достапен само на домашниот пазар, односно во Јужна Кореа, па така и сите информации кои пристигнуваа во етерот беа поврзани за верзијата наменета за таа држава.
Genesis соопшти дека неговиот SUV првенец ќе биде достапен во две конфигурации на седишта, односно како петтосед или седмосед. Но, она што избива во прв план кај овој модел е технолошкиот аспект на целата приказна.
Во кабината дигитализацијата е клучниот збор. Покрај тоа што пред возачот е дигитална инструмент табла, преку целата централна конзола е поставен голем екран за контрола на инфозабавниот систем со големина од дури 14,5 инчи. Нешто пониско на централната конзола е поставен контролниот панел кој е чувствителен на допир. Покрај стандардните функции, овој контролер може да се користи така што по екранот ќе се испишуваат зборови односно називите на локациите до кои сакате да стигнете со цел навигацијата веднаш да ја одработи својата работа, или броевите на телефоните на кои сакате да се јавите преку bluetooth конекција.
Продажбата на корејскиот пазар започнува кон крајот на месецот
Освен тоа, GV80 има систем за ублажување на бучавата која доаѓа однадвор. Така, кога ќе се регистрира поголема бучава, автомобилот емитува звучни бранови во кабината со цел ефективно да контрира на непријатните звуци кои пристигнуваат надвор од возилото.
Луксузниот SUV во понудата ќе има и повеќе агрегати, но засега е познато само дека во Јужна Кореа ќе биде достапен со 3,0-литарски турбо дизел мотор кој развива 278 КС и 578 Nm. Кога се однесува до останатите пазари, нема никакви официјални потврди, но се верува дека во понудата ќе биде 2,5-литарски турбо бензински агрегат ој развива 304 КС, како и 3,5-литарски шестцилиндричен бензински мотор со 380 КС.
Продажбата на моделот GV80 започнува во Јужна Кореа кон крајот на тековниот месец.