Škoda објави скици за изгледот на Octavia RS iV
Чешкиот автомобилски производител реши да ја скрати неизвесноста и го навести изгледот на новиот високоперформансен модел Octavia RS iV
Од Škoda одлучија да објават три дизајнерски скици од спортската RS верзија на четвртата генерација на моделот Octavia, која ќе биде премиерно претставена на 3 март на Саемот за автомобили во Женева. Како прв RS модел на Škoda во plug-in хибридна верзија, Octavia RS iV ги „комбинира семејниот карактер на автомобилот и спортските перформанси со ефикасноста и одржливоста“, велат од чешката компанија.
Хибридниот погон остварува моќност од 180 kW, односно 242 КС и 400 Nm благодарение на 1,4-литарскиот TSI бензински мотор и електричниот мотор со капацитет од 13 kWh, со кој се овозможува возење до 55 километри исклучиво на струја, додека истовремено се одликува со исклучителна економичност и ниска емисија на CO2, тврдат во Škoda. На скиците кои ги објавија, освен лимузинската верзија, претставена е и караванската варијанта на моделот Octavia RS iV, односно како што ги нарекуваат во чешката компанија, Coupe и Combi.
Споредено со регуларниот модел, перформансната Octavia има помускулесто тело кое се состои од поагресивни браници, заден спојлер, остри странични линии и поголеми тркала. На предницата, Octavia RS iV има поголеми всисувачи за воздух и црна решетка, додека на задниот дел се забележуваат две рамни издувни цевки кои се споени со светлечка лента, а од Combi верзијата нема слики од задната страна. Како што е случајот и со „обичната“ Octavia, знакчето на Škoda го нема и истото е заменето со големи букви од името на компанијата.
Иако се уште не се објавени фотографии од ентериерот, може да се очекуваат спортски седишта, управувач со пресечен долен дел како и ексклузивни материјали.