Hyundai со тизер го најави освежениот i30 пред дебито во Женева
Освежениот модел на јужнокорејскиот производител Hyundai во C сегментот ќе биде официјално претставен на престојниот саем за автомобили во Женева
Hyundai продолжува со обновата на комплетната своја гама во Европа. Така, по новиот i10 и најавата за следната генерација на моделот i20, на ред дојде и i30. Рестилизацијата на моделот i30 веќе е завршена, а Hyundai ја објави и првата тизер фотка за тоа што ги очекува љубителите на корејскиот бренд на саемот во Женева, каде што ќе дебитира овој автомобил.
Прикажаниот модел на i30 е во најпрестижниот пакет на опрема – N Line. Овој i30 делува поатрактивно од претходно. Во преден план се поагресивните линии на предниот дел од возилото, каде е променет изгледот на браникот, дневните светла се вметнати во остатокот од светлосните групи, тука се и поголемите всисувачи за воздух како и изменетата решетка.
Иако Hyundai не објави официјални фотографии од задниот дел од возилото, но на основа на она што можеше да се забележи претходно на шпиунските фотографии кои кружеа на интернет, може да се заклучи дека и задниот дел ќе претрпи промени, пред се во обликот на браникот и светлосните групи.
Јужнокорејската компанија потврди дека освежениот i30 ќе има и поголем избор на тркала, од 16 до 18 инчи. Освен надворешноста, редизајнот ќе се почувствува и во внатрешноста на кабината. Со тоа, i30 ќе добие дигитална инструментална табла, како и 10,25-инчен екран чувствителен на допир за контрола на инфозабавниот систем.
Исто така се очекува и рестилизираниот i30 N кој ќе добие освежување и кој конечно би можел да го добие долго очекуваниот автоматски менувач со двојна спојка кој во Hyundai го најавуваат веќе подолго време. Исто така, јужнокорејската компанија планираше да инсталира и погон на сите четири тркала со цел да биде конкуренција на Volkswagen Golf R, но засега нема никакви најави дека такво нешто ќе биде имплементирано.