Aston Martin Vantage пристигнува и во Roadster варијанта
Две години по претставувањето на новата генерација на моделот Vantage, во Гајдон ја претставија и неговата кабриолет верзија
Во семејството на автомобили на Aston Martin Vantage од летово ќе се приклучи и Roadster варијантата. Како потврда на сето тоа, Aston Martin денеска објави и сет официјални фотографии од дефинитивниот сериски модел. Суштинската разлика во однос на купе двоседот кој се напојува со V8 мотор се однесува на склопливиот платнен покрив на кого за спуштање или кревање му се потребни помалку од седум секунди (6,7 за спуштање, 6,8 за кревање), а целата операција може да се изведе до брзина на движење на автомобилот која не надминува 50 километри на час.
Под хаубата Aston Martin Vantage не доживеа промени, па и кабрио верзијата на Vantage ќе се напојува со 4,0-литарски V8 битурбо мотор на AMG кој развива 510 КС при 6.000 вртежи во минута и 685 Nm најголем вртежен момент. Преносот на силата на задната осовина е доверен на осумстепениот ZF автоматски менувач.
Дополнително засилената каросерија и механизмот за движење на покривот се заслужни за дополнителни 60 килограми маса во однос на Vantage Coupe, но со споменатиот Roadster од нула до „стотка“ се стигнува за помалку од четири секунди и со кренат покрив развива 306 километри на час.
Во Aston Martin за моделот Vantage Roadster поставија цена од 157.300 евра. Првите модели од Vantage Roadster се очекува да пристигнат во вториот квартал од тековната година.