Citroen го презентираше новиот градски електричен модел Ami
Добро познатиот Citroen Ami, кој се произведуваше во оригинална форма од 1961 до 1979, доби свој необичен наследник во целосно електрична форма
Во периодот кога Citroen Ami се произведуваше во својата оригинална форма привлече околу 1,9 милиони задоволни купувачи, а на пазарот се појави како ривал на Renault 4, додека во еден момент беше дури и најпопуларниот автомобил во Франција. Сега пред нас e новиот „пријател“ од Citroen за 2020 година со кој францускиот производител сака да земе удел во се попопуларната категорија на електрични автомобили.
Citroen уште минатата година се појави и дебитираше со идентичен модел во концептна форма, додека сега е претставен серискиот модел кој ќе биде достапен за сите заинтересирани купувачи од ова лето и тоа ширум Европа. Можеби најинтересниот дел од новитетот е тоа што на домашниот пазар се смета како четирицикл. Како такво, возилото спаѓа во категоријата на оние кои се полесни од 425 килограми и притоа развиваат помалку од 5,4 КС со максимална брзина од 45 километри на час. Од таа причина, оние постари од 16 години ќе можат да го возат Ami без возачка дозвола.
Претставникот на Citroen влегува во категорија во која веќе доминира Renault Twizy. Со максимална должина од 2,41 метри, тој е за 90 милиметри подолг од конкурентот од Renault, додека батеријата со капацитет од 5,5 kWh му овозможува на овој малечок автомобил да мине 75 километри меѓу две полнења. Максималната брзина е лимитирана на 42 километри на час, а дури и преку обичниот домашен полнач потребни се само три часа за батеријата да се наполни до максимум.
Заинтересираните ќе можат да го добијат овој модел на три начини
Доколку сте заинтересирани за овој модел, ќе биде уште поинтересно да прочитате за начинот на кој што ќе можете да го добиете. Имено, првиот начин е традиционалното изнајмување (лизинг), на основа на што Citroen очекува да го собере поголемиот дел од приходот за овој модел. Новиот сопственик ќе мора да издвои учество од 2.644 евра, а потоа за него месечно да исплаќа 19,99 евра.
PSA групацијата исто така е сопственик на апликацијата Free2Move, па исте заинтересирани ќе можат да го изнајмат ова мало градско автомобилче за 26 евро центи по минута. На крајот, тука е и опцијата за купување која новиот сопственик ќе го чини 6.000 евра. Сепак, Ami никогаш нема прво да пристигне во продажните салони, односно Citroen со овој автомобил се обидува да развие нов модел на продажба на возилата. Имено, потенцијалните заинтересирани купувачи ќе мораат најпрво да пополнат барање на интернет и автомобилот потоа ќе им пристигне на домашна адреса.
Citroen со Ami започнува поинаков начин на продажба
Слично како со оригиналниот Ami, така и овој новитет има исклучително чуден дизајн, а главниот дизајнер Пјер Леклер истакнува дека серискиот модел е развиван истовремено со концептот. Тој во меѓувреме променил неколку деталии, како што е таканаречената „контра врата“ и панорамскиот покрив, но во суштина Ami се очекува да привлече големо внимание со својата појава.
Иако се очекуваше богат избор на опрема и опции за персонализација, се случи нешто сосема спротивно. Така, единствената боја во понудата е сината. Ентериерот доаѓа со две седишта и доволно простор во багажникот за патнички куфер, барем така тврдат од Citroen. Возачот и патниците ќе имаат шанса да го поврзат својот телефон преку Apple CarPlay и Android Auto опциите за контективност.
Citroen веќе ги прима нарачките за новиот Ami, а првите примероци ќе бидат испорачани до сопствениците во август. Покрај тоа, францускиот производител вели дека Ami ќе ја модернизира индустријата и на идните купувачи ќе им пружи практичност и доживување во центрите на големите градови наместо досегашните скутери, велосипеди, електрични тротинети, па и јавниот превоз.